Амди Бајрам за модниот стајлинг на митинзите: Во бундата сум како Доналд Трамп!

by fokus
 

На вчерашниот митинг на коалицијата „За подобра Македонија” предводена од ВМРО – ДПМНЕ во Охрид, Амди Бајрам покрај бурлескните изјави, се најде во центарот на вниманието и со впечатливата бунда од крзно.

Црната бунда, за разлика од зимските јакни во кои што беа облечени останатите членови на раководството на партијата, веднаш ,,влезе’’ во очи, па повеќе здруженија за заштита на животните реагираа дека носењето на крзно од бизон е јасен показател за суровоста кон животните. Сепак Бајрам, вели дека сите кои што ја коментирале неговата раскошна бунда направиле грешка, бидејќи не се работело за крзно од бизон, туку за нешто далеку поскапо.

,,Оваа бунда во светот на модата е позната како Астраган Мерц, и бизонот не може да се мери со неа, далеку е поскапа. Ја добив на поклон од мојата мајка пред две години, и емотивно сум врзан за неа. Мајка ми, која што живееше во Њу Џерси, Америка, цели 47 години, почина пред година и половина, и секогаш кога ја носам бундата од неа, како таа да ме прегрнува и грее“, вели Амди Бајрам.

Тој открива дека бундата ја чува за посебни пригоди, каков што беше вчерашниот митинг во Охрид.

„ А, кога Никола Груевски вчера ни рече да се облечеме во потопла облека, кој што има, бунди, топли јакни, чизми, бидејќи во Охрид е постудено, јас без двоумење се решив за бундата од мајка ми. И секогаш, на сите претстојни  митинзи ќе се појавувам во нов, уникатен и секако раскошен стајлинг, оти тоа претставува моќ во политиката. За пример ќе го наведам Доналд Трамп. Мојот моден стил е сличен на неговиот, и тој се појавуваше пред народот во гламурозна облека, па ете убедливо победи’’, ни изјави Амди во телефонски разговор.

Тој додава дека новинарите можат слободно да ги следат сите негови модни комбинации со кои ќе настапува пред народните маси и да направат интересни приказни инспирирани од неговиот вкус. На здруженијата за заштита на животните им порача да не се грижат за крзното, бидејќи за неговата бунда не настрадало ниту едно животно од Македонија, туку жртви биле американски животни.

,,Да е купена бундата од Македонија, ајде нека реагираат, ама вака, донесена од Америка, и тоа поклон од мајка ми, не гледам причина за било какви реакции’’ – вели тој. 

Вики Клинчарова

Поврзани новости