Амди Бајрам: Груевски беше добар премиер, се залагаше за влез во ЕУ

by Fokus

Лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам во разговор за ,,Фокус” тврди дека воопшто не бил изненаден од ставот на ВМРО ДПМНЕ по повод референдумот, кој го соопшти Христијан Мицкоски.

Според Бајрам, се работело за собирање на политички поени, и тој лично верувал дека Мицкоски ќе ,,омекне” и ќе повика на излезеност на референдумот, најдоцна до 21 – ви септември.

-Јас лично мислам дека се работи за тактизирање, и мое мислење е дека Мицкоски сепак ќе го омекне ставот и ќе повика на гласање најдоцна до 21-ви септември. Вака, по она што го слушнавме од лидерот на ВМРО ДПМНЕ, сликата која јас ја имам за ВМРО е како едно магаре кое застанало среде мост и води инает, не сака да оди. Во тој случај, магарето треба малку да се подбуцне, па ќе тргне напред. Токму тоа сега му треба и на Мицкоски, мало подбуцнување, мал поттик, за да тргне напред. Истото го изјавив и пред камери, стојам зад секој мој збор – ни изјави Бајрам во телефонски разговор.

Тој додава дека Мицкоски не треба да го заборави залагањето и на неговиот претходник, Никола Груевски, кој додека бил на власт постојано се стремел да ја однесе Македонија во Европа.

-Кога ме прашуваат кој е подобар премиер, дали Заев или Груевски, јас без двоумење кажувам дека кога Груевски беше на функција, тој си беше добар премиер, се залагаше за влез во ЕУ. Истото го прави сега и Заев. После се, и Мицковски треба да тргне напред – ни изјави лидерот на Ромите.

Тој исто така потврди дека Ромите ќе излезат на референдум, бидејќи сакаат да станат дел од Европа. Очекувал излезеност од околу 47.000 Роми.

Вики Клинчарова

Поврзани новости