Амбасадорот Гарет му врачил писмо со поддршка на Заев од Тереса Меј

by Fokus

Британскиот амбасадор Чарлс Гарет му врачил писмо на премиерот Зоран Заев од британската премиерка Тереса Меј со покана за Самитот во Лондон во јули, соопшти Владата.

Самитот за Западен Балкан ќе се одржи во Лондон во јули следната година, во рамки на Берлинскиот процес, чијашто цел е поддршка на Западен Балкан во напредокот и стабилноста.

Меј во писмото потенцирала дека токму тоа е целта на Самитот во Лондон, односно да се поддржат земјите од Западен Балкан во нивната посветеност, изразена на Самитот во Трст, за добрососедски односи, регионална соработка и адресирање на предизвиците во овие процеси.

Заев се заблагодарил за поддршката што ја дава Велика Британија на Република Македонија и на целиот Западен Балкан, многу важна за развојните и интеграциските процеси и на Македонија и на целиот регион.

Воедно на средбата помеѓу Заев и Гарет се разговарало и за важноста на планираните теми за коишто ќе се дискутира на Самитот во Лондон, просперитетот и безбедноста на Западен Балкан.

„Во делот на обезбедувањето просперитет, фокусот се планира да биде ставен на меѓусебното поврзување на државите, енергетиката, дигитализацијата и претприемништвото, а во делот на безбедноста, на справувањето со корупцијата, организираниот криминал, движењето на луѓе и стоки, тероризмот и насилниот екстремизам. Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, во писмото потсетува дека лидерите, на Самитот во Трст се согласија дека интеграциите се „стратешка инвестиција во мирот, демократијата, просперитетот, сигурноста и стабилноста на Европа во целост“ и додава дека Велика Британија е подготвена да помогне со експертизи и со искуствата, заедно со европските партнери и Европската комисија за посилен прогрес“, стои во владиното соопштение.

„Продолжуваме да го поддржуваме регионот на евро-атлантскиот пат и да работиме со вашата Влада, со европските партнери и со другите влади од регионот во градењето просперитет, сигурност и стабилност, во подготовката на нашиот Самит во 2018 година и пошироко“, пишала британската премиерка во писмото.

Поврзани новости