Аман веќе, престанете да нѐ реформирате

by Фокус

Несвојствено за нашето секојдневие, полека, но сигурно се развива дебата за состојбите во високото образование. Притоа, и покрај обидите таа да се маргинализира, или што е уште пострашно, политички да се канализира, т.е. на студентските реакции за некои постапки на власта да им се прилепи партиско-политичка етикета, сепак провејуваат и искри кои навистина наликуваат на академска дебата, која треба да ѝ претходи на каква било промена, а особено на оние проблематичните чија цел е сѐ друго, освен квалитетно образование.

Меѓутоа, реформаторите „загрижени“ за квалитетот, без никакво објаснување и анализа за состојбите во високото образование, едноставно се оглушуваат на сите забелешки, па дури и на протестите на студентите и забелешките на некои членови на академската заедница.

Во вакви ситуации, сосема нормално е човек да се запраша: Што се случува? Дали навистина има проблеми? Ако има проблеми, тогаш каде е проблемот? На овие и слични прашања, речиси невозможно е да се даде исцрпен одговор со една кратка анализа, но, сепак, ќе се обидам колку-толку да доловам слика за случувањата во високото образование во изминативе десетина години.

Јасно, видувањето може да е објективно, само ако се базира на објективни и официјални податоци, па затоа да видиме што велат податоците публикувани од Државниот завод за статистика (ДЗС), Министерството за образование и наука (МОН) и официјалните веб-страници на универзитетите.

ФАКУЛТЕТСКА ЕКСПАНЗИЈА

Според податоците на ДЗС и МОН, во академската 2006/07 година постоеле пет универзитети со вкупно 44 факултети и високи школи. Состојбата била ваква години наназад, односно сѐ додека не нѐ заплиснаа реформите, кои резултираа со страотно зголемување, како на бројот на универзитетите, така и на бројот на единиците во нивен состав.

Така, на пример, веќе во академската 2007/08 година бројот на универзитетите се зголеми на 8, при што бројот факултетите и високите школи се зголеми на 75, за овие бројки во академската 2013/14 година да достигнат неверојатни 16 универзитети, со вкупно 135 единици во нивен состав и 4 самостојни високи школи, т.е. вкупно 139 факултети и високи школи. Ако кон овие бројки се додадат и 11 научни институти на кои се реализира настава на втор циклус студии, ќе добиеме бројка од запрепастувачки 150 установи на кои се врши високообразовна дејност.

Што значи ова, не треба посебно да се коментира, но да забележиме дека ова е безмалку за гинисовата книга на неславни рекорди, бидејќи испаѓа дека имаме по еден универзитет на приближно 125.000 жители, односно по еден факултет или висока школа на приближно 14.500 жители, сметајќи ги и оние кои подолго време живеат и работат надвор од државата.

Но, кога сме кај бројките кои не се за пофалба, да забележиме уште нешто. Имено, ако кон овие 150 установи на кои се реализира настава на прв или втор циклус се додадат и уште седумте  научни институти кои се во состав на универзитетите, добиваме дека во Македонија се акредитирани 157 високообразовни и научни установи, што значи во просек речиси по две на секоја општина, односно речиси по две и на секое средно училиште. Дополнителен коментар на ваквата состојба, која е исклучиво резултат на реформаторскиот бран бран, навистина не е потребен.

Како е ова можно, односно како е дојдено до овие фрапантни бројки? Постојат многу причини за ваквата експанзија, дел од кои ѝ се добро познати на јавноста, но дел од причините треба да се побараат и во постојаното, непромисленото и неаналитичко менување на Законот за високо образование (ЗВО). За што станува збор?

Имено, со промените на ЗВО во февруари 2008 година, драстично се промени статусот на самостојните факултети, па така тие по сила на закон или требаше да згаснат или да прераснат во универзитети. Јасно, основачите на истите се одлучија за втората опција, па веќе во академската 2009/10 година, бројот на универзитетите порасна на 14, а бројот на факултетите и високите школи се зголеми на 98.

Притоа, ваквата експанзија беше пропратена со бројни реклами финансирани од државната каса, во кои се величаше дека над 98% од матурантите се запишале на факултет, што во најмала рака е неприфатливо за секој образовен деец, но сосема се вклопуваше во квазиобразовната стратегија на реформите.

РАНГИРАЊЕ БЛИСКУ ДО УМОТ

Претходно споменатите бројки, колку и да се шокантни, сепак доволно не ја отсликуваат агонијата во која изминативе години е доведено високото образование, па затоа накратко да ја погледнеме структурата на високото образование според научни полиња.

Така, на пример, во академската 2006/07 година имало 11 факултети во полињата на природно-математички и техничко-технолошки науки (ПМТТН), 4 факултети во полето медицински науки и здравство (МНЗ), 4 во полето биотехнички науки (БТН), 16 во полето општествени науки (ОН) и 9 во полето хуманистички науки (ХН), бројки кои се сосема општествено оправдани.

Меѓутоа, бранот на хаотичните реформи, кои повеќе може да се оквалификуваат како ненаучен и нестручен упад на државата во високото образование драстично ја промени споменатата структура, па така во моментов имаме 39 факултети во полето на ПМТТН, 9 во полето МНЗ, 5 во полето БТН, 65 во полето ОН и 21 во полето ХН.

Притоа, дури 15 факултети во полето ПМТТН се од областа на информатиката, од кои 5 отпаѓаат на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, каде што замислете наставата во академската 2013/14 година ја реализирале ни помалку, ни повеќе туку 7 наставници со полно работно време, на кои им помагале дури 17 асистенти.

Што значи ова за квалитетот на образовниот процес на овој државен универзитет не треба посебно да се говори, но добро е да се знае дека на истиот се реализираат петнаесетина програми со двегодишни, тригодишни и четиригодишни студии. Оттука е нејасно, кој ја реализира наставата на овој Универзитет, каков е квалитетот на истата и каков е научниот придонес на споменатите професори и асистенти.

Зошто овие прашања и тоа токму за овој Универзитет? Едноставно, заради фактот што во таканареченото рангирање на високообразовните установи во Македонија, кое се спроведува неколку години наназад овој Универзитет на рангирањето за 2011/12 година се наоѓа на високото 4 место, при што според критериумот настава ги освоил максималните 100 поени. Е ова навистина е за верувале или не, бидејќи според истата оваа листа Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ освоил само 62,1 поен, податок од кој слободно може да се констатира дека имаме реформа над реформите, која резултирала со рангирање блиску до умот.

Но, толку за таканареченото рангирање, кое секако заслужува посебна анализа. Да се навратиме на некои податоци за бројот на факултетите според научни полиња. Така, на пример, бројот од 65 факултети во полето ОН се должи на замислете 28 факултети од областа на економските науки, менаџментот и туризмот, 11 правни факултети и по 5 факултети од областите политички и безбедносни науки, а додека меѓу 21 факултет во полето ХН имаме бројка од 14 факултети од областа на дизајнот и уметностите.

На споменатите бројки не е потребен никаков коментар, меѓутоа слободно може да се каже дека, според ваквите податоци, високото образование го зафатило образовно цунами, чии последици долго ќе ги чувствуваме.

Зошто цунами?

Па, едноставно, не постои друг збор со кој може да се опишат резултатите од досегашните реформи, за кои некој треба да сноси сериозна одговорност, која со сигурност треба да се бара во институциите на системот и лицата кои изминативе години истите ги раководеа, бидејќи тие и само тие се одговорни  како за акредитација на високообразовните установи, така и за давање на дозвола за работа, која дозвола претпочита исполнување на не така едноставни барања.

Претходно ги споменав неверојатните 98% последниве години запишани матуранти во високото образование. Не ми е јасно зошто овој процент постојано се потенцира во јавноста, освен ако нема за цел да се прикаже како аргумент за успешност и зголемување на вкупниот број студенти, што секако е дневно-политички мотивирано.

Меѓутоа, бројките говорат нешто друго. Имено, во академската 2006/07 година вкупниот број студенти изнесувал 57.001, за да следните две години тој број се зголеми на околу 64.000, а потоа со мали осцилации истиот да бележи континуирано намалување, за во академската 2012/13 година да имаме вкупно 56.906 студенти.

Со еден збор, нема никакви спектакуларни зголемувања на бројот на студентите, за што постојат многу причини, а една од нив е големиот процент на средношколци кои го продолжувале своето образование, кој го имаме и пред реформаторските победи.

Ваквите податоци наведуваат на заклучок дека според овој показател промените не предизвикале негативни ефекти, што не е точно. Навистина, на пример во академската 2002/03 година 38,99% од вкупниот број студенти студирале ОН, 27,34% студирале ПМТТН, 8,12% студирале МНЗ, 6,72% студирале БТН и 18,83% студирале ХН.

Наспроти ова, во академската 2012/13 година 48,62% од вкупниот број студенти студирале ОН, 24,36% студирале ПМТТН, 11% студирале МНЗ, 3,88% студирале БТН и 12,14% студирале ХН. Со други зборови, изминативе десетина години процентот на студентите кои студирале ОН се зголемил за 9,63, при што значајно зголемување од 2,88% имаме кај МНЗ, а додека и покрај сите владини реклами намалување има кај ПМТТН и БТН, тренд кој е загрижувачки.

ПРОМЕНИ ВО СТРУКТУРАТА НА ДИПЛОМИРАНИТЕ СТУДЕНТИ

Вистинското значење на претходно изнесените податоци може да се согледа доколку се анализира структурата по научни подрачја, но како што претходно реков за таква анализа е потребно многу повеќе време, а секако и простор за да се интерпретираат резултатите од истата.

Секако, една ваква анализа е добредојдена и истата требало одамна да биде направена од страна на надлежните државни органи. Јасно, ваква анализа, направена согласно научните стандарди можела да се користи при носењето на одлуки, бидејќи анализата на структурата неминовно ќе ги покажела слабостите на системот, а особено проодноста во текот на студирањето и слично.

Имајќи го предвид претходно изнесеното, ќе се задржиме само на промените во структурата на дипломираните студенти според научни полиња.

Така, во 2007 година од вкупно дипломирани 6173 студенти 20,52% биле во полињата ПМТТН, 10,11% во полето МНЗ, 5,61% во полето БТН, 38,76% во полето ОН и 24,91% во полето ХН.

Меѓутоа, само четири години подоцна, т.е. во 2011 година процентуалните учества се променети и тие се: 20,60% во ПМТТН, 10,04 во МНЗ, 3,2% во БТН, 46,67% во ОН и 19,50% во ХН, за да негативната тенденција продолжи и следната 2013 година кога од вкупно 9406 дипломирани студенти 21,41% биле во полето ПМТТН, 10,11% во МНЗ, 3,27% во БТН, 51,88% во ОН и 13,33% во полето ХН.

Како што можеме да видиме, процентот на дипломираните студенти во полето ОН се зголемил од 38,76% во 2007 на 51,88% во 2013 година, состојба која ќе има далекусежни последици на пазарот на трудот, нешто што секоја одговорна власт можела да го предвиди и коригира, особено што државните органи ги имаат сите инструменти кои се потребни за квалитетно раководење на високото образование.

Меѓутоа, тоа не е направено, а според тоа како се одвиваат нештата никој нема намера и да го прави, бидејќи освен популистичките реклами и најавените тестирања или државни испити како некој милува да каже, ништо не укажува дека реформаторите имаат намера да направат нешто сериозно, а уште помалку квалитетно во врска со високото образование.

Можеби некому ова ќе му изгледа престрого, но еве колку за споредба во 2003 година процентуалните учества во вкупниот број дипломирани студенти во полињата ПМТТН, МНЗ, БТН, ОН и ХН биле 24,60%, 11,64%, 5,61%, 37,06% и 21,72%, структура, која сакал некој да признае или не, како и во 2007 година, е далеку поповолна и поконјуктурна на пазарот на трудот, иако истата бележи негативен тренд во однос на состојбите во 1999 година кога овие проценти за ПМТТН, МНЗ, БТН, ОН и ХН биле 37,41%, 10,23%, 6,92%, 32,44% и 12,99%.

Во претходните разгледувања беше спомената состојбата со кадарот на Универзитетот „Св. Апостол Павле“, за која нема потреба од дополнителен коментар. Но, секако дека има потреба од согледување на состојбата со кадарот во севкупното високо образование. Пред подетално да ги разгледаме официјалните податоци, да забележиме дека во разгледувањата ќе го исклучиме Медицинскиот факултет во Скопје.

Причина за ваквиот пристап е фактот дека во целокупниот разгледуван период, во севкупниот кадар вработен на високообразовните установи, бројот на наставниците и бројот на соработниците од овој факултет учествуваат со 12-18% и 20-32%, соодветно, па оттука доколку истите не се исклучат од збирните разгледувања се добива нереална слика за кадровската екипираност на високообразовните установи.

Понатаму, ќе ги разгледуваме само податоците на вработените наставници и соработници со полно работно време Имено,  прикажувањето на таканаречените ангажирани наставници со неполно работно време дава искривена слика, бидејќи речиси секаде станува збор за истите наставници кои веќе се вработени со полно работно време но на друга установа.

Според расположливите податоци во академската 2003/04 просечниот број на наставници по факултет изнесувал 32, а додека просечниот број соработници бил 16.

Понатаму, во следните три години состојбата според овој параметар бележи влошување, па така во академската 2006/07 година просечниот број на наставници е 28, а на соработници тој број е повторно 16. Природно, загрижени од ваквиот тренд иницијаторите и креаторите на реформаторските зафати во високото образование пристапија кон промени.

Резултатите од ваквите промени се видливи, па затоа само ќе споменеме дека веќе следната 2007/08 година просечниот број на наставници и соработници по факултети изнесувал 18 и 13, соодветно, за да во академската 2009/10 овие просечни бројки се 15 и 10, соодветно, па во академската 2011/12 тие да изнесуваат просечно 13 наставници и 8 соработници и конечно моментално да има просечно по 12 наставници и 5 соработници по факултет и висока школа.

Барем според овој параметар, коментар на резултатите од континуираните реформи не е потребен Меѓутоа за да не се стекне привид дека штетите не се така големи овде ќе споменеме дека и вака прикажаните просечни бројки на наставници и соработници треба подлабоко да се анализираат.

Една од причините за ваквиот став се следниве податоци, кои значително придонесуваат за зголемување на претходно пресметаните показатели. На пример, на Природно-математичкиот факултет, Машинскиот факултет, Факултетот за електротехника и информациски технологии,  Филозофскиот факултет,  Филолошкиот факултет и Правниот факултет во Скопје вкупно се вработени 484 наставници и 94 соработници, што значи дека на преостанатите 132 факултети и високи школи просечниот број на наставници и соработници е 9 и 4, соодветно.

РЕФОРМАТОРСКО ЦУНАМИ

Збирното разгледување на кадарот вработен со полно работно време колку толку даде слика за состојбите, според овој параметар, во високото образование. Меѓутоа, нешто поцелосна слика може да се добие доколку според овој параметар се направи елементарна анализа по научни полиња.

За да се исклучи нереалното прикажување на состојбите повторно од разгледувањата ќе ги исклучиме претходно споменатите седум факултети и Технолошко-металуршкиот факултет, Економскиот факултет и Факултетот за музичка уметност во Скопје, кои се во состав на Универзитетот Св. Кирил и Методиј.

При вакво согледување на бројките во полињата ПМТТН просечниот број на наставници по факултет и висока школа изнесува 8, а просечниот број на соработници изнесува 4, во полето ОН овие бројки се 7 наставници и 2 асистенти, во полето ХН имаме просечно 6 наставници и 3 соработници.

Слична е состојбата и во полињата БТН и МНЗ, кои нема одделно да ги коментираме.

Што значат претходно изнесените податоци нема повеќе да коментираме. Меѓутоа, повеќе од очигледно е дека реформаторското цунами го доведе потсистемот за високо образование во целосен колапс. Како што може да се види, податоците и нивната временска димензија недвосмислено укажуваат каде треба да се лоцира вината за состојбите, бидејќи за да се има квалитет потребни се минимални предуслови, меѓу кои спаѓа и наставниот и соработничкиот кадар, со сите свои квантитативни и квалитативни атрибути.

Меѓутоа, согласно онаа народната – Држете го крадецот, некои квази душегрижници со лепење етикети и самофалење за превземање активности базирани на  наводни темелни и длабоки анализи, се обидува вината за состојбите да ја дислоцираат кај оние што најмалку се за тоа виновни.

Притоа, постојано не бомбардираат со нивната загриженост за квалитетот на високото образование и како лек ни нудат уште една квазиреформа, која повеќе од очигледно има за цел да го одвлече вниманието од проблемите кои самите ги направија, да ја намали нивната одговорност за лошите политики кои што во континуитет се спроведуваат и да ја прикрие  нивната некомпетентност.

Човек да се запраша дали оваа авантура има за цел и да создадат алгоритам и систем за притисок и казни врз високото образование, аналоген на оној кој што го направија со екстерното тестирање во основното и средното образование.

Очигледно, за реформаторите не е доволна казна на научните работници, фактот дека од буџетот за асистент се одделуваат околу 21.000, за доцент околу 29.000, за вонреден професор околу 34.000 и за редовен професор околу 36.500 денари за нето плата, средства кои се скоро занемарливи во однос на платите кои ги добиваат странските професори на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ и кои се разбира се алиментираат од државниот буџет.

Се разбира, за власта не е доволна казна и тоа што средствата кои се доделуваа по основ на конкурс за научно-истражувачки проекти веќе неколку години едноставно не постојат, па ете сега здушно измислува и апаратура за нов притисок врз академската заедница, кој види богати ќе биде само врз студентите.

Па, господо реформатори, зарем мал притисок и понижување е тоа што студентите во студентскиот дом „Гоце Делчев“, и не само во него, живеат во крајно нечовечки услови, додека за да го одржувате во живот вашето милениче наречено Универзитет „Св. Апостол Павле“, скоро без никакви валидни и транспарентни критериуми доделувате стипендии на странски студенти, кои ниту малку, ниту многу опфаќаат: надомест за школарина, сместување, месечен џепарлак од околу 5.000 денари и патен билет од нивната земја до Охрид и назад.

За да го дополнам впечатокот за вашата хипокризија овде само ќе напоменам дека македонските таленти, носители на медали од Светски и Балкански олимпијади по математика, информатика, физика итн. ни оддалеку го немаат овој третман од ваша страна, што значи дека истите во вашите очи се безвредни, за сметка на случајни минувачи кои попатно студираат на Универзитетот „Св. Апостол Павле“.

Но, дали само ова се вашите елементи со кои онака, попатно континуирано вршите притисок и деградирањето на академската заедница. Секако дека постојат и многу други. Еве, колку за пример, околу вашето вреднување на квалитетот, доволно е само да се погледнат надоместоците кои определени благонадежни лица од власта или околу неа ги добиваат по основ на членување во разноразни управни одбори на агенции, државни претпријатија, советодавни тела во јавните претпријатија и слично, а кои во некои случаи се мерат со десетици илјади евра на годишно ниво.

Е ова е веќе врв на хипокризијата која реформаторите и ја сервираат на јавноста, откако кога пред неколку години не успеа акцијата со која се имаше намера сите универзитетски професори да се прогласат за корумпирани персони. Или, можда се лажам? Можеби успеа, за што сведочи и евидентниот молк на членовите на академската заедница, освен на оние кои, патем речено, и немаат што да кажат или понудат.

Конечно, настанатата состојба ме потсетува на анегдотата – Немој сине не ме брани, па затоа не ми останува ништо друго, освен да апелирам: Аман веќе, престанете да нѐ реформирате!

д-р Самоил Малчески

 

Поврзани новости