Алвес од безбедносни причини префрлен во друго притворско одделение

by Fokus

Бразилскиот фудбалер Дани Алвес, кој е обвинет за сексуален напад врз жена, од безбедносни причини е преместен во притворско одделение на друга локација, соопштија денеска шпански официјални лица.

Новиот притворски центар има „помалку станбени единици“ и во него полесно се гарантира безбедноста и соживотот меѓу затворениците.

Властите соопштија дека обвинението за кое се товари Алвес не е земено предвид при одлуката за негово преместување.

Алвес, кој беше уапсен во петокот во Барселона, минал три ноќи во објект во кој се сместени вкупно 200 затвореници, додека новиот објект каде е преместен има капацитет да прими вкупно 80 затвореници и оние кои чекаат судење.

Шпанските медиуми објавија дека Алвес ќе дели ќелија со уште еден затвореник.

Жена, чиј идентитет не е објавен, го обвини најтрофејниот фудбалер во историјата за „сексуален напад“, обвинение кое вклучува силување според шпанскиот кривичен закон.

Шпанскиот суд во петокот му одреди истражен притвор и не дозволи бразилскиот репрезентативец да биде ослободен со кауција.

Во тужбата која до каталонската полиција била поднесен на 2 јануари се наведува дека Алвес сексуално злоставувал жена во тоалет во ноќен клуб во Барселона, ноќта меѓу 30 и 31 декември минатата година.

Доколку биде погласен за виновен на Алвес му се заканува максимална казна затвор од 15 години.

Алвес ги отфрли сите обвинувања.

Шпанските медиуми објавија дека станува збор за 23-годишна жена, која одлучила дека нема да бара отштета доколку Алвес биде осуден, бидејќи сака само „правдата да биде задоволена и фудбалерот со затворска казна да плати за стореното“.

Поврзани новости