Алтернативните горива иднина за сите видови транспорт

by Fokus

Обновливите извори што се користат во транспортот на ниво на ЕУ се во постојан раст и во 2018 година нивниот удел изнесува 8 проценти. Целта е до 2020 година да се достигне нивото од 10 проценти, а во 2030 до 14 проценти.

Во нашата земја обновливите извори на енергија во транспортот учествуваат со само 0,117 проценти во 2018 година, што е намалување во однос на претходните години. Рекорден удел сме оствариле во 2014, кога сме имале удел од 0,197 проценти.

Европскиот зелен договор, претставен од Европската комисија во декември 2019 година, предвидува дека пристапот до ресурси е стратешко безбедносно прашање за ЕУ во однос на нејзината амбиција за исполнување на планот за климатски неутрален континент до 2050 година.

Една од приоритетни области на договорот се алтернативните горива и забрзување на трансферот кон одржлива и паметна мобилност. Транспортот според извештајот на ЕК учествува со една четвртина во целокупната емисија на стакленички гасови во ЕУ. За постигнување на климатска неутралност, според проценките е потребно намалување од 90 проценти на емисијата од транспортот до 2050 година. Сите, патничкиот, железничкиот, авионскиот и водениот транспорт ќе треба да придонесат кон намалувањето.

Паралелно, според Европскиот зелен договор, ЕУ треба да го забрза производството и развојот на одржливи алтернативни горива.ЕК најавува дека ќе ги искористи легалистичките можности за поттикнување на производство и користење на алтернативни горива за различни модели на транспорт, додека истовремено се направи доработка на директивата за Инфраструктура на алтернативни горива за зголемување на користењето на возила со нулта и ниска емисија на гасови.

За остварување на оваа цел, ЕУ со директивата 2009/30/ЕЦ овозможува мешање на етанол во бензин до 10 проценти, како и Fatty acid methyl ester – ФАМЕ, односно биодизел  во дизел горивата со содржина од 7 проценти.

Следејќи ги европските стандарди и препораки, „Макпетрол“ во 2007 година изгради сопствена фабрика за производство на биодизел, исполнувајќи го при тоа техничкиот стандард на Европската Унија ЕN 14 214. Meшањето со фосилниот дизел се одвива во сопствени инсталации според стандардот EN 590. На пазарот за течни горива ова гориво „Макпетрол“ го пласира под името Биодизел Б6, што претставува бленд од 6% биодизел и 94% еуродизел.

Контролата на квалитет на овие горива „Макпетрол“ го врши во сопствената меѓународно акредитирана лабораторија, согласно важечките стандарди за овие видови гориво.

8 проценти од енергијата за транспорт во ЕУ е од обновливи извори

Процентот на енергија од обновливи извори што се користи во транспортот на ниво на ЕУ во 2018 година изнесува 8 проценти, споредено со 7,1 процент во 2017 и 1,4 проценти во 2004 година, покажуваат податоците на Евростат.

Од земјите членки Шведска има најголем удел со 29,7 проценти, пред Финска со 14,1, Холандија со 9,6 и Австрија со 9,8 проценти. Најмал удел на обновливи извори на енергија во транспортот имаа Кипар со 2,7 проценти, додека ниски проценти под 4 отсто имаат и Хрватска, Грција и Естонија. Бугарија има удел од 8,06 проценти.

Северна Македонија има удел од само 0,117 проценти во 2018 година, што е намалување во однос на претходните години, каде во 2014 овој удел изнесува 0,197 проценти. Србија има 1,16 проценти енергија од обновливи извори во транспортот, додека Црна Гора 0,86 проценти.

Обновливи извори на енергија кои се користат во транспортот се течни биогорива, хидроген и биометан, како и електрична енергија добиена од сонце, вода и воздух за напојување на електрични возила.

Биогоривата се во голем дел компатибилни со конвенционалните возила и може да се користат во мешавина со актуелните фосилни горива. ЕУ во насока на декарбонизација и остварување на поставените цели со Директивата 2009/28/ЕЦ поставува таргет до 2020 година уделот на енергија од обновливи извори во транспортот да биде 10 процент.

Поврзани новости