Алтернатива: Директорот на Македонски железници отпушти 21 Албанец, а задржа 10 Македонци

by fokus

Од партијата „Алтернатива“ го обвинија директорoт на Македонски железници Транспорт, Аднан Азизи од Движењето Беса, дека од 31 вработен ангажиран со договор за вработување, отпуштил 21 Албанец, а задржал на работа 10 Македонци.

„Само овие информации се доволни за да се разбере кому му служи овој човек и на која агенда е посветен. Ние, како политичка партија, го познаваме многу добро антиалбанскиот и одмазднички потенцијал на овој заробен директор и на таа партија, која е веќе претопена во СДСМ, но сакаме да ја прашаме Владата како може да дозволи во време на пандемија и економска криза, како и во екот на зимата, да избркаат од работа вработени само затоа што се Албанци? Во оваа насока, сакаме да објасниме дека додека Алтернатива раководеше со ова претпријатие, бројот на Албанците од 1 процент (или 11 Албанци), колку што најдовме во 2018 година, се зголеми на 9 проценти (или 82 Албанци) во 2020 година. Дури, процентот на Албанците на раководните позиции беше 0 проценти кога ние почнавме да раководиме со ова претпријатие, додека кога заминавме оставивме 28 проценти Албанци на раководни позиции”, се вели во партиското соопштени.

Според Алтернатива, ова е доказ дека „сè уште има слуги од т.н. албански партии, кои доаѓаат на власт за да им се одмаздат на Албанците и да им служат на Македонците”.

„Вака било од времето на Југославија со Ранковиќ па сѐ до Груевски, но – за жал – истото продолжува и денес, овој пат дури и со протагонисти кои божем се Албанци. Во првиот момент кога ќе се вратиме на власт – а околностите велат дека тоа ќе се случи многу брзо – тие ќе бидат вратени на работа и Албанците, но и никој друг, нема повеќе да бидат отпуштени од работа само затоа што припаѓаат на одредена етничка заедница или политичка партија”, се вели во соопштението на партијата Алтернатива.

Поврзани новости