Алтернатива, Беса и Алијанса за Албанците бараат уставни промени за албанскиот јазик

by Fokus

По заклучоците на Венецијанската комисија реагираа албанските политички партии Алијансата за Албанците, Движењето Беса и Алтернатива. Тие имаат единствен став, односно дека Албанците не се малцинство и оти албанскиот јаизк треба повторно уставно да се регулира. Алијансата за Албанците смета дека од Венецијанската комисија не требало да се бара мислење за целиот закон, туку само за одредбите кои ја регулираат употребата на албанскиот на банкнотите и во војската, пишува АлсатМ.

„Прво, законот не требаше воопшто да се испрати затоа што е во согласност со Уставот на РСМ, иако Владата го испрати за да добие препорака од Венецијанската комисија, туку требаше да го испрати само за две прашања. Сега доаѓаат препораки за употреба на јазикот на малцинствата во Европската унија што не е во ред. Ние Албанците не сме малцинство тука, туку сме конститутивна заедница, над 25 %. Како Алијанса за Албанците инсистираме да се извршат уставни измени и албанскиот јазик да биде службен јазик, а не јазик на 20-тте проценти“, рече Арбен Таравари, Алијанса за Албанците.

Од движењето Беса констатираат дека не треба да се создаде впечаток оти Законот за јазиците им дава на Албанците нешто повеќе од тоа што им следува. Лидерот на Беса смета дека е реално албанскиот да се регулира со Устав и оти ќе се ангажира да ги обедини сите албански партии за реализирање на ова цел.

„Има две работи – едната е дека се согласуваме со Венецијанската комисија и втората дека не се согласуваме. Тоа за што се согласуваме е дека треба да се разгледа законот и ние како Движење Беса бараме албанските партии  да седнат и во рамките на Платформата на албанските парламентарни партии да го решат еднаш и заскогаш проблемот на албанскиот јазик и албанскиот да биде службен јазик со Устав. Она за што не се согласуваме со овој извештај е дека Албанците се малцинство. Албанците во Македонија се втор мнозински народ”, рече Билал Касами, Движење Беса.

За партијата Алтернатива решавањето на проблемот е во уставно решение кое ќе ги затвори внатрешните спорови.

„Албанскиот јазик не е официјализиран, туку е само унапреден. Исто така имаме кажано дека официјализирањето на албанскиот јаизк не се врши со закони кои се изготвуваат преку ноќ и во рамките на две партии, затоа што потоа произлегуваат вакви последици. Ние сметаме дека во нашата земја треба суштински да се редефинира моделот на јазичната политика произведувајќи двојазчина држава што би се регулирало и со Устав. Потоа, не би имало оспорувања од никого“, велат од Алтернатива.

Венецијанската комисија откако целосно го разгледа Законот за јазиците меѓу другото препорача да се укине двојазичноста на судски рочишта и институционалната комуникација да се ограничи само во писмена форма.

Поврзани новости