Алпинистот кој ја промовираше демиркаписката клисура починал во Русија, на планина

by fokus

Веста за смртта на рускиот алпинист Александар Кленов, кој пред десет години со семејството се досели во Демир Капија, и за кратко време стана голем промотор на демиркаписката клисура како атрактивна алпинистичка дестинација, жителите на Демир Капија и околината ја дочекаа со неверување.

На социјалните мрежи со него се простија неговите пријатели, сограѓани и алпинисти од целиот свет. Градоначалникот Лазар Петров порача дека Демир Капија ќе најде начин неговото име да остане запаметено за наредните генерации, кои ќе ја немаат честа да го запознаат неговото дело и големина.

-Веста не трогна сите. Александар направи многу за Демир Капија, донесе толку многу народ од сите краеви, беше неверојатен промотор на нашата општина и природните богатства. Демир Капија тагува по овој голем човек, кој ќе биде запамтен само по добро – изјави Петров за ,,Фокус”.

Околу тоа која е причината за смртта на алпинистот, негови пријатели од Демир Капија раскажаа дека тој починал во Русија, каде заминал пред неколку месеци. Велат дека неофицијално, од она кое го знаат, Александар бил пронајден починат на планина. Повеќе информации немаат, но сите се вознемирени поради загубата на човекот кој за кратко време се зближил со сите во општината.

Кленов имаше свој клуб во Демир Капија и често организираше натпревари. Во минатото раскажуваше дека за прв пат ја видел демиркаписката клисура во 2005 година и веднаш го воочил големиот потенцијал за алпинизам во овој крај.
Живеел во многу земји низ светот, а во 2012 година со семејството се преселил во Демир Капија, каде изградил куќа со поглед кон карпите.

Тој успеал да трасира голем број на качувачки насоки на карпите, а благодарение на неговата посветеност за клисурата слушнаа многу алпинисти од целиот свет, кои доаѓаа во Демир Капија во текот на изминатите години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости