„Алкалоид“ продолжува и да расте и да се проширува

by fokus

Скопски Алкалоид во првите шест месеци од оваа година оствари позитивни финансиски резултати, покажуваат билансите на успех на оваа компанија.

Биле остварени единечни вкупни приходи од 5.063.282 илјади денари и во споредба со истиот период лани се бележи раст од 3%. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 95%, имаат приходите остварени со продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2020 година бележат раст од 1%.

Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари-јуни 2021 година изнесуваат 6.453.784 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2020 година бележат раст од 3%. Во структурата на вкупните приходи, најголемо учество, 97%, имаат приходите остварени со продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2020 година бележат раст од 3%.

Во однос на расходите, тие во првото полугодие од годината изнесуваат 4.407.068 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2020 година бележат раст од 2%.

Остварените консолидирани вкупни расходи во ова шестмесечие изнесуваат 5.772.482 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2020 година бележат раст од 2%.

Бенефит имаат и акционерите, бидејќи според одлуката од Годишното собрание донесена на 5 април, одобрена е пресметка и исплата на бруто дивиденда за 2020 година, во износ од 572.541 илјади денари, односно 360 денари нето за една акција.

„Алкалоид“ продолжува и да расте и да се проширува, па вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-јуни 2021 година изнесуваат 524.114 илјади денари, додека вкупните консолидирани обврски по основа на кредити на 30.06.2021 година изнесуваат 1.644.254 илјади денари.

НОВИ ВРАБОТУВАЊА

Во првите шест месеци од годината во „Алкалоид“ се реализирани 121 нови вработувања, а со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од 100 % од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во С Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето.

Групацијата „Алкалоид“ брои 2.479 вработени, од кои 1.909 се во базата во Скопје, а 570 се вработени во подружниците во странство.

Остварената единечна нето-добивка во периодот јануари-јуни 2021 година изнесува 588.962 илјади денари и во споредба со остварената во 2020 година бележи зголемување за 12%.

Остварената консолидирана нето-добивка во првото полугодие од 2021 година изнесува 583.524 илјади денари и во споредба со остварената во 2020 година бележи зголемување за 14%.

Бизнис-план за 2021 година

Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид, на Седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година. Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизниспланот

Очекувања за претстојниот период

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на ковид-19.

„Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели“, велат од компанијата.

Поврзани новости