Алијанса ја турка Алтернатива од Владата: Кој има проблем, тој да си го реши!

Ако се продолжи на овој начин, останатите партии само ќе се оттуѓат од овој блок, па така ќе бидеме дупло голо - ем нема 80 за уставни измени, ем про-ЕУ блокот со нарушен кредибилитет, велат за „Фокус“ од партијата на Африм Гаши.

by Фокус

Се уште опозициската Алијанса за Албанците има неофицијална понуда за влез во Владата, за која ќе расправа викендов, откако ќе бидат екипирани новите партиски органи, по изборот на Арбен Таравари за наследник на Зијадин Села на лидерската позиција.

Како што велат од Алијанса, понудата го вклучува министерството за правда, со кое сега раководи универзитетскиот професор Никола Тупанчевски, како и ресорот здравство, на чие чело е Беким Сали од најмладиот владин партнер – Алтернатива.

Треба да добиеме уште еден министерски ресор, но тоа ќе зависи од потегот на Алтернатива. Ако одлучат да излезат од владата, ќе го добиеме нивниот ресор – информатичко општество. Ако останат, тогаш ќе добиеме ресор на ДУИ – ни изјавија од АА, додавајќи дека во игра се министерството за образование и за екологија.

Иако Алтернатива на Африм Гаши всушност ја спаси владата на СДСМ и ДУИ, откако ситуацијата во собранието беше 60:60 по неуспешниот обид за изгласување на недоверба инициран од опозицијата и Беса, сега влезот на Алијанса практично ја турка надвор.

Од таму велат дека немаат намера да преговараат преку медиуми, туку, како што истакнуваат, имаат принципиелен став: кој има проблем, тој треба да ја поднесе цената за да си го реши проблемот. Најпроблематично, според нив, е што начинот на кој се водат овие разговори го разводнува целиот блок партии кои се за ЕУ интеграции.

Ако се продолжи на овој начин, останатите партии само ќе се оттуѓат од овој блок. Така, ќе бидеме дупло голо: ем нема 80 за уставни измени, ем про-ЕУ блокот со нарушен кредибилитет. Не сакаме да веруваме дека некој сака да го наруши про-европскиот коалициски капацитет. Кој мисли дека лесно може да ги наруши тие принципи, ќе плати висока цена – ни изјавија од Алтернатива.

Како што објави „Фокус“, одамна се работи за влез на Алијанса во Владата. Првичните контакти во таа насока се направени од страна на Кренар Лога од Струга, кој важи за близок до Села. Иако Таравари првично велеше дека одлуката за евентуалниот влез во владата треба да се донесе на еден внатрепартиски референдум, сега стигнуваат најави дека одлуката ќе се базира на сугестииите од амбасадата на САД.

Инаку, ова прегрупирање доаѓа во време кога ДУИ се соочува со фракционерско делување од страна на т.н. огнена група, од каде јасно порачуваат дека Али Ахмети сака со Алијанса да го амортизира влијанието на „огнените“, кои контролираат тројца пратеници – Изет Меџити, Кастриот Реџепи и Мерита Коџаџику. Тие бараат промена на Артан Груби, но Ахмети одбива да го жртвува, што води кон ескалација на внатрешниот конфликт.

Во контекст на внатрепартиските превирања, неделникот „Фокус“ пишуваше дека Ахмети не би имал ништо против доколку во рамки на најавената антикорупциска кампања „настрадаат“ и негови сопартијци, но, истовремено работи и на создавање на коалиција со токму со Алијанса и Алтернатива за следните избори, со која сака да ја намали вредноста на „огнената група“, независно дали ќе се одлучи за тивок бојкот или за посебни листи.

Влатко Стојановски

Поврзани новости