Алхемија на лудилото и законот на големи бројки

by Фокус 14:32
14:32

Како ненормалното да се претвори во нормално? Оваа дилема, според мене, еднаква е на прашањето дали железото може да се претвори во злато, или кременот во дијамант. Средновековните алхемичари не можеле да го пронајдат одговорот на тоа, ама затоа, нашите алхемичари успеаја ненормалното да го претворат во нормално. Рецептот им е мошне едноставен – со мантрање на едни исти реченици и фрази, кои за нивните медиумски и останати поддржувачи, имаат исто значење како „ом“ или „аум“ во древната хиндуистичка мистика. За потсетување, се работи за магичен збор, наречен и космички празвук, со чие правилно повторување во текот на медитацијата, човекот се спознава самиот себе, доживува духовна рамнотежа и влијае врз својата потсвест.

Можеби некој ќе рече дека ова што го пишувам влегува во сферата на медиумската пропагандна индоктринација во смисла „сто пати повторената лага е вистина“, или дека се работи само за класично „спинување“, односно примена на манипулативна техника за односите со јавноста. Сепак, она што го гледам и слушам деновиве поврзано со аферата „прислушување“, е далеку од тоа. Го доживувам како една патолошка фаза на психолошки девијации, манифестирана преку мантрање на исти зборови и фрази, кои кај одредена категорија луѓе создаваат состојба на бунило. А богами и лудило.

- Advertising -

Да ја земеме на пример, фразата „соработници на странски служби“. Во јавноста се презентираат аудио записи преку кои се гледа една неверојатна злоупотреба на политичката позиција и моќ, а како одговор на тоа следува мантрата за странските служби и нивните платеници во земјава. За мене ова е насфатливо, луѓе мои. Според ваквата первертирана логика, не е битно што е убиен човек, што се знае сторителот на тоа дело и што е пронајдено оружјето со кое е извршено злосторството, туку битно е кој го соопштува тоа. За трибуните на ваквата испревртена приказна, сосема неважно е што постои жртва, постои сторител и постои оружје (начин) со кое е извршено делото, туку за нив битно е кој, зошто и како ја соопштува веста за сторениот злостор. На таквите труби можете до бесвест да им објаснувате што значи кривичното дело – злоупотреба на власта, тие и понатаму како во транс ќе ја блејат мантрата – странски служби, странски служби, странски служби…

Уште поиндикативен пример е таканареченото „Граѓанско движење за одбрана на Македонија“. На неговите членови можете до бесознание, и тоа со катрљон аргументи, да им појаснувате дека нивната намена, всушност е одбрана на власта од сопствениот народ, тие и натаму како во полухипноза ќе мантраат – домашни предавници, домашни предавници, домашни предавници…

Да не е трагичен, најсмешен би бил примерот со нашиот јавен информативен сервис, кој се одѕива на кратенката – МРТ. За него сите ние преку УЈП плаќаме месечен надомест наречен „радиодифузна такса“. Повторувам – сите! Државата ја тресе политичка криза можеби најдраматична од нејзиното постоење до денес, се лиферуваат скандалозни аудио снимки од прислушувани телефони, на површина излегуваат флагрантни афери за власта која игра со човечки судбини, за фингирани судски процеси, студентите со денови ги окупираат факултетите директно конфронтирајќи се со Владата, а нашиот јавен „радиодифузен сервис“ како да е од друга вселенска димензија. Не е оттука. Прва вест е „Опозицијата пред распад“, втора е „Струмички карневал“, трета е „Прилепски маскенбал“. Ова е лудило, луѓе мои…

Сепак, најгротескната верзија на македонската мантра на општото лудило, ми се медиумските комесари. Нив милувам да си ги нарекувам – анакондите на македонското новинарство, бидејќи тие ја голтаат вистината и објективноста во несразмерни количини. Едниот од нив, на подлога од плута закачува портрети на „народни предавници“, другиот кружи околу своето биро и пред камерите благо тоне во нирвана, третиот, инаку една од аудио-старлетите на мега-еферата, како зен будист мудрува за ќебапчињата доведени во трансцедентална врска со Брисел, а четвртиот, или четвртата сеедно, ги склопува лего-коцките на заговорот од соѕвездието Орион, против нашата ни власт.

Дека нешто е ем гнило, ем лудо во државата Македонија, веќе е повеќе од јасно. Чаре? Само едно – ГОЛЕМИТЕ БРОЈКИ.

Големите бројки на студенти, професори, наставници, интелектуалци и слободномислечки луѓе. Големите бројки на демократи и борци за вистината, правдата и демократијата. Големите бројки против безумието, големите бројки против тоталитаризмот, големите бројки против алхемијата на лудилото. Големите бројки  распослани низ големите булевари, со големи транспаренти на кои со големи букви ќе биде напишана големата порака – ГИТЛА!!!

Универзитетски професор Гордана Попсимонова

Поврзани новости