Алфа ќе мора да им се извини на Ромите за сторена дискриминација во вестите

by fokus

Телевизијата „Алфа“ ќе мора да им се извини на граѓаните од ромска националност поради констатирана дискриминаторска содржина во прилог емитуван во информативните изданија. Комисијата за заштита од дискриминација утврди елементи со навредлива содржина по основ на етничка припадност и припадност на маргинализирана група во јавното информирање на телевизијата.

Со тоа Комисијата ја прифати претставката на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Според Агенцијата со прилогот „Се побројни и понасилни се циганите на раскрсниците“, телевизијата потикнала и ширела дискриминација кон Ромите врз основа на етничка припадност и на припадност на маргинализирана група.

„Комисијата за заштита од дискриминација констатира дека е извршена дискриминација, по основ на етничка припадност и припадност на маргинализирана група. Имајќи предвид дека се конкретизира и се наведува на одредена група дека шири насилство на раскрсниците на улиците, постои повреда на Законот за спречување и заштита од дискриминација, во смисла на ширење на омраза и нетрпеливост“, стои во одлуката на Комисијата.

Од таму бараат од „Алфа“ во рок од 30 дена од приемот на препораката јавно да им се извини на Ромите како маргинализирана група која е идентификувана во прилогот како насилничка и дека шири насилство на раскрсниците по улиците.

Доколку телевизијата не го стори тоа Комисијата има право да покрене иницијатива пред надлежен орган за утврдување на одговорност, а Агенцијата има право да поднесе тужба пред Освновниот суд Скопје 2 во Скопје за надомест на штета.

Од Алфа претходно ја признале грешката и во одговор до Комисијата соопштиле дека со одлука на уредувачкиот колегиум новинарот и уредникот на вестите биле казнети со 20 отсто од платата во текот на 3 месеци.

Поврзани новости