Ален Исламовиќ во Македонска Каменица: Ме радува што си живеете убаво

by Fokus

Балканската музичка ѕвезда Ален Исламовиќ привлече илјадници гости вчера, на својот настап на градскиот плоштад во Македонска Каменица.

Пејачот кој во минатото беше вокалист на популарните групи ,,Дивље јагоде’’ и ,,Бјело дугме’’ и покрај тоа што има 61 година, зрачеше со истата енергија и шарм, на кој што неговите фанови свикнаа уште пред повеќе од триесет години. Во Каменица настапи облечен во црни панталони и сако, со црвена свилена кошула и црвени чевли. На неговото лице не можат да се видат годините. Речиси и да нема седи влакна, ниту пак брчки.

Рапавиот глас, по кој лудуваа девојките од просторите на поранешна Југославија во осумдесеттите и девдесеттите години на минатиот век е непроменет, и се добива впечаток како времето да застанало за него. Тоа што има две возрасни ќерки и тригодишен внук не ја менува сликата за Ален, како за еден од најзгодните и најомилени рокери кај женската публика.

Со Исламовиќ поразговаравме пред неговиот настап во Каменица, каде дојдоа негови обожаватели од сите краеви на земјава, но и од соседна Бугарија. Приказните за недостапност и недопирливост кои се актуелни за повеќето музички ѕвезди од неговиот калибар, за него не важат. Релаксиран, пријателски настроен, тој ни откри дека прв пат настапува во Македонска Каменица, и како навистина е воодушевен од масовноста на публиката.

-Досега не сум пеел во Македонска Каменица, и покрај тоа што сум чест гостин во Македонија. Пријатно сум изненаден од публиката која се собра на плоштадот во толку голем број. Драго ми е што сум тука, помеѓу овие пријателски настроени луѓе, кои се толку дружељубиви и срдечни – ни раскажа музичката ѕвезда половина час пред настапот, додека плоштадот масовно се полнеше со публика, негови фанови, желни да уживаат во песните на големиот босански рокер.

Во тек на денот, тој прошетал низ градот, посетил локални угостителски објекти, се запознал со мештаните. Додава дека му е драго што луѓето кај нас имаат мирен живот и сакаат да се дружат, да поразговараат.

-Сакам кога народот живее убаво, кога се почитува. Токму тоа го сретнав овде, во Каменица. Често сум во Македонија, и таа македонска гостопримливост, таа дружељубивост е присутна насекаде. Утре си одам, имам обврски во Загреб, но веќе за неколку дена јас повторно доаѓам кај вас, во Охрид. Ќе имам настап на фестивалот ,,Охридски трубадури’’ и ме радува тоа што Македонија не ме заборава – ни изјави музичарот.

Расположен поради многубројната публика, за време на настапот тој снимаше со мобилен, како спомен за убавиот прием. Го започна концертот со песната ,,Ти ниси ти више’’, а потоа продолжи со своите хитови од времето кога беше вокалист во ,,Бјело дугме’’ и ,,Дивље јагоде’’, а отпеа и повеќе песни кои ги сними откако ја започна својата соло кариера. Неговиот настап беше дел од манифестацијата ,,Каменичко културно лето 2018’’ која се одржа по десети пат во градот на рударите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости