Алексовска е првата Македонка дел од НБА кампот „Кошарка без граници”

by fokus

Најдобрата македонска млада кошаркарка, Михаела Алексовска од екипата на Крива Паланка од денес е дел од НБА интернационалниот камп „Кошарка без граници“ кој се одржува во Милано, информираат од Кошаркарската федерација.

Алексовска е првата кошаркарка од државата која доби покана да биде дел од овој престижен меѓународен камп (BWB), програма на ФИБА и НБА за глобален развој со акцент на подобрување на кошаркарските вештини на младите таленти на возраст до 18 години и промоција на: лидерство, образование, спортски дух и здрав живот, како и пријателство, отвореност и почит.

Таа ќе биде дел од петдневниот камп кој ги собира врвните млади кошаркарски таленти на возраст од 18 години и помлади од Азија-Пацифик, Европа, Америка и Африка.
Учесниците, избрани од ФИБА, НБА и националните федерации учеснички, се среќаваат во градот домаќин, овојпат тоа е Милано, како град кадешто требаше да се одржи овој камп во 2020 година, но поради пандемијата со Ковид-19 беше откажан.

На кампусот на Бокони Универзитетот каде што ќе се реализира „Кошарка без гранции 2022“ на младите кошаркарки и кошаркари ќе им се придружи персоналот на кампот, националниот тим и играчи од НБА, како и други врвни тренери од светот.

Поврзани новости