Александар Митевски: Музика без импровизации

by Фокус 12:55
12:55

Секој од нас, најчесто го следи патот на своите родители. Така е и со нашиот следен соговорник, со кој се дружевме во Скопје Сити Мол.

Како тинејџер влетува на музичката сцена, но не отстапува од професионалниот избор на неговиот татко. Студира новинарство.

- Advertising -

Неговата ќерка, пак, избира да го следи неговиот пат. Почнува со освојување на публиката на „златните славејчиња“. Александар Митевски и неговата ќерка Мања нѐ дружеа на Саемот за деца во Скопје Сити Мол, но и по неговото завршување.ФОКУС: Астролозите, припадниците на астролошкиот знак Водолија ги опишуваат како личности полни со оригинални идеи, комуникативни, пријателски настроени, не сакаат многу критики, претпазливи, вљубеници во слободата… Дали сте и вие типична Водолија? Колку од овие карактеристики може да се сметаат за ваши?

МИТЕВСКИ: Би рекол дека тоа се мои карактеристики и го носам типичното од Водолијата. Знаеме да живееме во свој свет и да се исклучиме од реалниот и тука ја барам својата слобода.

Во годините додека го градев своето име и презиме, воопшто не се штедев себеси за музиката, работата, пријателите и многу ми е значајна таа поддршка што ја добивам секојдневно од семејството и од пријателите. Емотивец сум по природа и ги земам работите при срце повеќе отколку што треба, но кога нешто работам, го правам тоа докрај и без пресметки.

Во музиката влегов од љубов и ден денес таа љубов успешно трае, иако немам никакво музичко образование, не го чувствувам тоа како хендикеп, туку како слобода. На шега велам дека единственото музичко училиште што го поседувам е тоа што сум роден на ист ден како мојот музички идол – Волфганг Амадеус Моцарт.

ФОКУС: Кога оваа Водолија влезе во пубертет, посака да биде музичар. Па, така својата музичка карта ја почна со еден рап-бенд. Зошто? Дали сметавте дека моќта на зборовите може полесно да се изрази во тој стил или едноставно во тој период тоа беше музиката што ја слушавте?

МИТЕВСКИ: Тоа беше друго време, во почетокот на 90-тите години на минатиот век кога како клинец ја почнав својата кариера со рап-групата „Океј бенд“. Сите бевме под влијание на „Нулта позитив“, Ена Веко, „Ластовица“, „Пис брадерс“ и едноставно ние како деца бевме маѓепсани од тој звук и од таа сцена.

Првото наше стапнување на сцена беше 1992 година, кога легендарниот Драган Б. Костиќ нѐ најави на тогашниот Канал 3 на националниот сервис. Потоа музиката ме одведе во други правци и се докажав како кантавтор, кој ги пее своите песни, а пишува повеќе за други.ФОКУС: Кратко потоа почнавте кариера како соло-изведувач. Но, вистинскиот вкус на славата го почувствувате кога станавте дел од екипата, која на „Макфест“ ја донесе „Виолина и гитара“? Што ви остави најмногу впечатоци од тој период?

МИТЕВСКИ: Тоа беше мое огнено крштавање, би рекол, на фестивалите. Тогаш учествував со моите добри другари Дуле и Коки како автор на текстот „Виолина и гитара“, додека музиката ја правеше Валентино Скендеровски.

Во екот на популарноста на познатото штипско дуо, несомнено песната ја плени публиката и заслужено го доби приматот на хит и евергрин. Тогаш немаше титули, парични награди и борбата за златната статуетка беше со многу поголем жар. Буквално сите се радувавме како деца на таа победа.

Следната 1997 година, јас прв и последен пат настапив на фестивалите како исполнител и еве цели 18 години немам учествувано како автор на ниеден од фестивалите сѐ до оваа година, кога се вклучив во тимот на Даниел.ФОКУС: Едно време имавте и „Розови очила“, но не за да гледате различно. Вашиот татко беше новинар, дали тоа беше пресудно поради што се одлучивте да влезете во тој свет?

МИТЕВСКИ: Розовите очила одеа на МРТВ и тука бев избран како еден од водителите на оваа гледана контактна емисија. Многу сум врзан за тој период затоа што тогаш и почнував со музиката и затоа се чувствувам како да сум дете на Македонската радио-телевизија затоа што на некој начин растев и напредував пред камерите на таа куќа.

Од татко ми ја наследив дарбата за пишаниот збор и насочувањето кон новинарството како професија. Тоа многу ми помогна во пишувањето, творењето, а особено бев горд на серијалот текстови „Џубокс“, во кој правев интервјуа со наши познати личности и нивните омилени плочи и музиката од младите години.

Бев дел од забавната редакција на „Утрински весник“, а потоа и на „Дневник“, каде што во своите текстови гледав да дадам максимум од себе и да бидам поразличен.ФОКУС: Каков е Александар како татко?

МИТЕВСКИ: Не би можел јас да кажам, туку тоа треба да го каже моето семејство. Гледам да сум грижлив, посветен и единствено ми е тешко што вртлогот на денот не ми остава уште време за да им го посветам ним.

ФОКУС: Имате две ќерки. Кои се вредностите на кои сакате да ги научите во животот?

МИТЕВСКИ: Сакам да се правични, домашното воспитание треба да е столб на успехот на секој човек, да се поставуваат човечки кон сите проблеми, да го ценат тоа што нивните родители го прават за нив како што го цениме тоа што нашите го правеле и прават. Да научат со мудрост да врват низ животот, а да се потпираат на срцето.Во Скопје Сити Мол, од 20 до 23 ноември се одржа 4-то издание на Саемот за деца, на кој со бројни активности за најмилите, одлични попусти и можности за шопинг за родителите, се одбележа Меѓународниот ден на детето. Токму на првиот ден од  саемот, помалата ќерка на Александар Митевски, Мања, беше дел од „славејчињата“ што ги забавуваа дечињата.

ФОКУС: Вашата помала ќерка е практично вашиот наследник. Својата музичка кариера ја почна на „Златно славејче“. Тоа беше нејзин избор?

МИТЕВСКИ: Тоа беше моја главна преокупација периодов. Лани беше малечка за да пее на „Златно славејче“, но оваа година изрази желба да пее во дует со своето другарче Владимир. Ја напишав песничката „Како божемски“ и дојде моментот кога требаше својата ќерка да ја снимам и да ја поставам пред микрофон. Тоа беше особено чувство на гордост и исполнување.

ФОКУС: Како татко го следевте нејзиниот настап? На кои нешта и посочивте да обрне повеќе внимание?

МИТЕВСКИ: Седев покрај миксетата во Универзална и некако сакав да се скријам од нејзините погледи и да не ја оптоварувам. Иако учи музичко училиште и пее во „Златно славејче“, сепак е нејзин избор дали ќе сака да продолжи понатаму со музиката. Го има музичкиот ген и тоа е несомнено.ФОКУС: Мања, кој е твојот музички идол?

МАЊА: Мојот музички идол е шведскиот диџеј и продуцент Авичи  и сите негови хитови, како на пример „Wake me up“ и уште многу други. Бидејќи толку многу ги сакам неговите песни, еднаш  дури направивме и спот заедно со тато и мама. Јас пеев и играв, тато снимаше, а мама беше задолжена за светлото! Ги слушам и песните на „Уан дајрекшн“, Ријана, Шакира, Бијонсе…ФОКУС: Каков е твојот впечаток за „Златно славејче“? Кои песнички од „Златно славејче“ најмногу ги слушаш?

МАЊА: На „Златно славејче“ си поминав најубаво! Цели 6 дена имавме по три претстави на ден, се дружев со сите деца што беа дел од фестивалот, а најмногу со Владимир, со кој во дует ја пеевме песничката „Како божемски“. Зад сцената си играв и со другарка ми Марија и Николче, најголемото славејче во хорот.

На крајот на фестивалот, јас, но и другите славејчиња бевме многу тажни и се расплакавме бидејќи сакавме да продолжиме да  настапуваме уште неколку дена. Си ја пеам и ја слушам песничката „Секој“ што ја напиша тато, за која заедно со Даниел Кајмакоски и „златните славејчиња“ снимивме и спот, потоа  „Шминките на мама“, која ја пееше Марија, „Прва љубов“ на Симеон и други.ФОКУС: Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?

МАЊА: Кога ќе пораснам сакам да правам многу работи, не знам што точно, но што и да бидам, музиката, пеењето и танцувањето ќе бидат дел од мене затоа што во моментов тоа е единственото нешто кое знам да го правам најдобро.

ФОКУС: Чии совети повеќе ги слушаш, на мама или на тато?

МАЊА: Со тато ми е најубаво кога сум во неговото студио, каде што можам да седам цел ден бидејќи таму можам да тропам на тапани, да пеам со микрофон, да учам да свирам на гитара, но и да свирам на клавир. За музиката ме советува тато, некогаш ми помага во домашните по македонски јазик, а мама ме советува за сите други работи. Ги слушам и мама и тато, подеднакво.Со таткото и ќерката поминавме прекрасни мигови во Скопје Сити Мол. Во „Синеплекс“ го следевме „Пингвините од Мадагаскар“. Направивме пауза за палачинка и кафе во „Бруклин“. Новата придружничка на „Златните славејчиња“, како роденденска славеничка, ја изненадивме  со играчка по нејзин избор, во царството на децата, „Теа колорс“.

ФОКУС: Александар, посакувате ли вашата ќерка да биде музичка ѕвезда?

МИТЕВСКИ: Такво нешто не постои во Македонија и сѐ уште е рано за такви мисли. Доколку ја сака музиката и е искрена во тоа, годините што следуваат ќе ја доведат таму.

ФОКУС: Кој е задолжен најчесто да ја следи на нејзините настапи, вие како искусен во оваа област или нејзината мајка?

МИТЕВСКИ: Нејзината мајка беше целосно посветена на нејзиниот настап и на осмислувањето. Морам да бидам искрен дека јас само ја напишав песната и бев љубопитен набљудувач. Давам безрезервна поддршка во секој случај и се радувам премногу, иако тоа многу не го покажувам.Во „Бистро“, Митевски ни приреди убаво музичко изненадување. Ни откри дека во Скопје Сити Мол има неколку места каде што вистински ужива. Секако и „Бистро“ беше на неговата листа.

ФОКУС: Радио, телевизија или весник? Што подобро ви легна во професијата што ја студиравте?

МИТЕВСКИ: Би рекол дека ги зедов најубавите детали од секој медиум, барем она што мене ме интересираше. За мене тоа се тесно испреплетени нитки кои не можат да функционираат една без друга. Искуството беше тоа што го добив низ годините и ми создаде огромен круг на пријатели и соработници.

ФОКУС: Ја следевте музичката сцена. Па, токму затоа, какви се вашите впечатоци за неа? Кое време е најплодното за создавање музика, но и кога музиката најбрзо допирала до публиката, сега или пред неколку години?

МИТЕВСКИ: Како музички новинар одблиску ја следев сцената сѐ до овие последни години. Би рекол дека револуционерно време за македонската музика беше она кон крајот на 1990-тите кога се појави новиот бран и модерната продукција, која ја правеше Дарко Димитров и сите ние што гравитиравме кон тој бран.

Народот беше гладен за македонска музика, се појавија многу песни и изведувачи и таа се наметна на термините на медиумите без никакви закони и норми. Кулминацијата беше со појавата на Тоше Проески, кој стави круна на успешната македонска музичка приказна и многу ми е драго од денешен аспект што учествував во градењето на сцената и соработката со Тоше на „Македонија навива за вас“.

Не само што неизмерно ни недостасува, туку силно се чувствува празнината што остана на сцената. Денес има одлични автори, бендови и групи кои се светла точка, но има и многу импровизации и намален критериум за тоа што треба да свири на медиумите.ФОКУС: Како новинар, но и како музичар, има ли музичка мафија во Македонија? Какви се вашите впечатоци по она што се случи на Скопскиот фестивал?

МИТЕВСКИ: Јас отсекогаш сум бил во сенка и ненаметливо си ја терам својата музичка приказна. Никогаш не сум бил дел од кланови, групи, лоби-групи и секогаш сум пишувал музика и сум имал среќа да соработувам со квалитетни изведувачи, како Брејк, Дарио, Тамара, Биба, Дуле и Коки и многу други.

На фестивали не сум учествувал и воопшто не го знам теренот на кој се случувале тие работи, туку само сум слушал гласини отстрана. Доколку се покаже за точно, треба да се осудат тие работи и повторно музиката и квалитетот да седнат на тронот.

Конкретно за Скопски, сите што учествуваа се мои добри пријатели и соработници и одлични вокали и верувам дека искрено се вклучиле во овој музички фестивал, кој беше врвно организиран од страна на МРТВ.

ФОКУС: На Скопскиот фестивал се појавивте како дел од тимот што застана позади Даниел Кајмаковски, поточно вие сте дел од авторската екипа на неговата песна. Како се случи вашата соработка, што ве спои заедно?МИТЕВСКИ: Јас искрено не се знаев до тој период со Кајмакоски и единствено како и сите други го следев на „Икс фактор“ и создадов во себе слика за врвен талент и вокал. Нашата средба и спојка беше случајна, преку „Златна бубамара“ и Ранко, па така спонтано дојде до оваа соработка.

Иако немав намера да учествувам како автор, сепак, целата приказна ме инспирираше да се вклучам во подготвување на дел од текстот, аранжманот и студиското снимање на „Лисја есенски“, заедно со Бобан Апостолов, Далибор Грубачевиќ од Хрватска и тимот на Даниел. Во меѓусебните разговори и долги термини некако се почувствувавме како добар тим, заедно со Огнен Неделковски и сите други што ќе работат на неговиот албум, па решивме да се обидеме заедно да направиме нешто добро.

ФОКУС: Кои инструкции ќе му ги дадете како човек кој внимателно ја следел македонската естрада со години, за негово подобро преставување во Виена?

МИТЕВСКИ: Даниел има искрени намери да направи нешто добро за својата земја и треба сите да го поддржиме во тоа. Нема тука место за лицемерие и неискреност кое би му тежело на грбот, туку треба да добие голема безрезервна поддршка од целата нација како и за сите тие што нѐ претставуваа.

Пристигаат одлични коментари од евровизиските фанови и верувам дека тој достојно ќе нѐ претставува со оваа песна напишана од шведскиот автор, а сите ние заедно ќе се потрудиме да зазвучи светски и да добие евровизиски лик. Многу е значаен пи-арот, патувањата и пеењето на неколку јазици, што верувам дека нема да биде проблем за човек како Даниел, кој се вложува комплетно.

Со оваа модерна песна и со квалитетен вокал, мислам дека ќе се даде нова слика за македонското претставување, без оптоварување каков исход тоа би имало затоа што знаеме што е Евровизија.  ФОКУС: Соработувавте со неколку музичари. Со кој од нив некако најлесно ви се вклопија музичките коцки?

МИТЕВСКИ: Реков и претходно, со многу музичари и пејачи сум соработувал и со сите нив имам различен пристап. Секој ме инспирираше на свој начин и мислам дека направивме добри песни.

ФОКУС: Покрај музиката и новинарството, област во која некако најлесно се вклопивте е создавањето реклами. Веќе ве препознаваат како глас од рекламите на некои брендови. Може ли тоа да биде професија во Македонија?

МИТЕВСКИ: За мене тоа е главната професија на која сум посветен во последниве години, продукцијата и музика за радио и ТВ реклами. Повеќе од пет години го користам својот глас и музика исклучиво во рекламите кампањи на „Тинекс“ и „Космо“ и континуитетот и професионалната посветеност кон тоа направија нашите реклами да бидат врвни и препознатливи. Создадовме вистински бренд од реклами, кој не случајно се препознаваат, кога и да се емитуваат.Александар внимава на себе. Внимателно избира што ќе се најде на неговото мени, сака здраво да се храни. Важи за човек кој ужива во парфеми. Токму и затоа во „Космо“ се задржавме подолго време. Ни откри дека често ги посетува. На нивните полици го пронаоѓа сето она што му е потребно од козметика до парфеми.

ФОКУС: Каков е Александар како пријател ? Кои нешта ве иритираат, а што посебно цените кај своите пријатели?

МИТЕВСКИ: Јас сум искрен и посветен како пријател и многумина знаат дека сум лојален и безрезервен, кога пријателството и работата се во прашање. Ме иритираат неискрености, лажни вредности, лицемерие, калкулации и негативна енергија. Гледам со позитива да им пријдам на сите работи, иако не живееме во таков свет.ФОКУС: Ѝ пишувате ли писма на својата сопруга Ана? Дали песната „Писмо“ беше напишана за неа?

МИТЕВСКИ: За неа се напишани многу песни, но како што кажав, не сум човек кој потенцира, нагласува или слично. Во сите песни што ги пишувам за мене или за други пејачи има биографија. Затоа и тежат песните.

ФОКУС: Колку долго може да издржите без музика?

МИТЕВСКИ: Колку што можам да издржам без здив.Нашата прошетка низ Сити Мол заврши, но само за денес. Откривме дека семејството Митевски утре повторно ќе биде тука. Во кафулето „Бруклин“ ќе го слави роденденот на Мања, заедно со сите нејзини другарчиња.

Поврзани новости