Александар Блажевски: Ми пречи поделбата на табори!

by Фокус 11:42
11:42

City MallСвојата медиумска лична карта ја почна со радио, но бргу ја замени со телевизиската магија. Забавните редакции се полето во кое најлесно се адаптира, а утринските програми и квизовите алка која му го надополнува професионалното ЦВ. По МТВ и А1, својата котва ја зацврсти во Сител. Како астролошки припадник на Јарец точно знае што сака и како да ги центрира своите цели. Сака книги, патувања и добра храна. Александар Блажевски денес се шеташе со нас во Скопје Сити Мол.aleksandar blazevski 01ФОКУС: Вашиот медиумски поход почна со радио. Дали телевизијата ја згасна љубовта кон овој медиум?

БЛАЖЕВСКИ: Љубовта кон радиото, за жал, ја згаснаа обврските. Иако во медиумите влегов токму преку мојот прв ангажман во тогашното Радио Канал 2000 при Македонското радио, сепак телевизијата како многу помоќен медиум што бара повеќе време и организација, не ми остави простор за паралелен слалом.

- Advertisements -

Сѐ до минатата година, повеќе од хоби и задоволство отколку за заработка и внимание, паралелно со телевизијата водев и свои авторски радиоемисии. Но, откако лани презедов да ја уредувам утринската програма на Сител, времето ми стана проблем.

Денес моето радио ЦВ е побогато за три национални радиостаници. Години наназад по Македонското радио, свои радиоемисии емитував и на Канал 77 и на Радио Слободна Македонија. Радиото е љубов што трае вечно. Прашање на време е кога повторно ќе ѝ се навратам…

ФОКУС: Пораснавте во МТВ, но и си заминавте од националниот сервис во времето кога публиката ви беше најнаклонета. Што беше пресудно од МТВ да заминете во А1?

БЛАЖЕВСКИ: Во тоа време, понудата од сопственикот, на тогаш најмоќната приватна ТВ куќа. Пред сѐ, финансиска. Јас заминав во исклучително тежок период во јавниот сервис.

Паметам дека повеќе од 14 месеци доцнеше хонорарот. Имаше тензична атмосфера. Наспрема финансиската криза, секојдневно се менуваа уредниците, новинарите се казнуваа како од шега. Во тој момент А1 ми понуди за тоа време солидна плата и одврзани раце за работа.

Едноставно ми рекоа направи емисија каква што сакаш. И почнавме со квизовите. Па, за два месеца, нов проект, па следуваше првиот балкански Идол и работата тргна. Во А1 останав седум години. Тоа се веројатно пресудните години за медиумите да станат моја професија.

Многу од мојот приватен и професионален живот му должам на тој медиум и на моите колеги со кои работев таму. Иако доаѓав од јавниот сервис, неспорно е дека повеќето работи ги научив во А1 телевизија и до ден денешен се сеќавам на А1 како една многу мила епизода од мојот живот.aleksandar blazevski 06ФОКУС: Во пакет со Живкица, Ненад и Антонио бевте дел од едно време кога сите сакаа да ги пеат македонските песни. Денес, па и покрај сите стимулации, публиката како да сака да се ослободи од македонската музика. Каде е грешката за слушањето македонска музика денес?

БЛАЖЕВСКИ: Прашањето, за жал, е многу сериозно, а состојбата со македонската музика драматична. Сите имаме по малку вина. Од медиумите, преку авторите и изведувачите, а на крајот и самите слушатели. Медиумите се првиот виновник. Македонската песна не е застапена во етерот, и покрај законските одредби. Медиумите вешто одбегнуваат македонска музика и македонските пејачи ги емитуваат по полноќ.

На сметка на тоа, преплавени сме со шоу-програми за таленти од соседството, кои продукциски се на врвно ниво, но ние како нација немаме ама баш ништо од нив. Паралелно со медиумскиот музички мрак, многу години сведоци сме на авторска криза. Композиторите кај нас отидоа во сосема погрешен правец. Не можеме да се натпреваруваме во ар-ен-би или со поп-музика и да бидеме конкурентни.

Заборавивме дека доаѓаме од Балканот и дека пишуваме музика за наша публика. Доволно е само да се потсетиме на хитовите од 1990-тите кога Дарио петпати по ред ја полнеше Универзална сала, а македонската музичка сцена секојдневно вадеше хит до хит.

Тоа беа песни, слични на нашиот темперамент, по мерка и вкус на секој слушател. Сега сакаме да продаваме светски звук, врвна продукција со европски манири. Затоа и сме таму каде што сме. На крајот доаѓаат и слушателите, кои поради сето горенаведено имаат сѐ помалку концентрација да ги препознаваат нашите музичари, па едноставно ако сакаат, на Јутјуб ја пуштаат Адел или ја пеат новата песна на Јоксимовиќ.

ФОКУС: Калиопи повторно на Евровизија. Каков е вашиот став за тоа? Сметате ли дека нема потреба од учество на овој фестивал? Сметате ли дека имаме непотребно високи очекувања од фестивал, кој во дигиталната ера на 21 век полека ја губи својата смисла на постоење?

БЛАЖЕВСКИ: Евровизија е настан сам по себе со милион гледачи низ Европа и светот. Нашиот комплетен неуспех е причина со која сакаме да ја омаловажиме оваа музичка институција. Најчестите коментари што се слушаат, мали сме, небитни и сите гласаат за соседите. Но, не треба да заборавиме дека Србија победи, па беше второпласирана, Босна беше во врвот, Хрватска има добри пласмани, Грција победи.

Ама знаете таму ниту Марија Шерифовиќ, ниту Хари Варешановиќ, Жељко Јоксимовиќ, па ни Хелена Папаризу не заминаа да пеат туѓа музика, туку своја. Се претставија со најдоброто од своите земји. Послушајте ги само песните од овие пејачи, и за споредба пуштете која било наша. Смешно е на Англичаните да им продавате поп, кога тие имаат Британска топ-листа.

Затоа во такви услови доволно е да се радуваме за влез во финале. И конечно, се избира песна на Евровизија, а не пејач. Последната одлука на МРТВ без избор да ја испрати повторно Калиопи е уште еден доказ за континуитетот, пејач пред песна.aleksandar blazevski 02Сака книги. Една од неговите омилени е „Папокот на светот“ од Венко Андоновски. За да ја задоволиме оваа негова убава страст, го одведовме на местото кое е рај за книги во Скопје Сити Мол – „Икона“. Додека пребаруваме што да чита во следниов период, повторно дебатиравме на темата телевизија.

ФОКУС: Квизовите се поле на кое се снајдовте и ги освоивте симпатиите на публиката. Кое квиз-шоу е ваш омилен телевизиски продукт?

БЛАЖЕВСКИ: Времињата се менуваат. Кое и парче квиз да го одберам, тоа ќе биде телевизиски бренд со франшиза. Дали ќе биде „Милионер“, „Deal or no deal“ или „Pointless“, сеедно. Глобализацијата е присутна и во медиумите. Најдобрите ТВ проекти, вклучувајќи ги и квизовите, произлегуваат од неколку светски продукции кои успешно ги продаваат авторските права и на Балканот.

По принципот by the book тие успешно проаѓаат и пред македонската публика. Порано се работеше партизански од сценарио, креатива, прашања. Денес е доволно да платите. Да преведете, адаптирате и по проверена шема да успеете.aleksandar blazevski 10ФОКУС: Недостасуваат ли квизови во Македонија во моментов?

БЛАЖЕВСКИ: Во Македонија дефинитивно недостасува телевизиска програма. А со тоа и квизови. Со чест на исклучоци, квизот на Лила и „Круг на знаење“ на Алфа, вака од прва не ми текнува на друг квиз. Што е само показател дека на некои медиуми нема воопшто квиз-програма. Програмските шеми сега се сведени на турски серии, реални шоу програми и на вести.

Монотонијата ја разбиваат утринските програми и по некој приватен продукциски проект. И покрај тоа, дел од медиумите уриваат рекорди на гледаност. Гледам во последно време, на голема врата се враќаат кулинарските шоу-програми. На секоја телевизија некој нешто готви. Тоа ми дава надеж дека многу скоро гледачите ќе се заситат од серии и дека повторно шоу-програмите, квизовите и домашната продукција ќе се врати на голема врата.

ФОКУС: Бевте дел од првата постава на „Раноден“. Дел од вашите колеги се презентери на вести. Не посакавте ли барем некогаш и вие таква опција?

БЛАЖЕВСКИ: Презентирањето вести е нешто што тотално не ме влече. Генерално, работењето во информативна редакција не ми е предизвик. Иако и утринската редакција по многу нешта по поставеност и функционирање наликува на информативната, сепак во утринска програма можете многу покреативно да се изразите.

Иако подеднакво информирате за дневни настани, сепак имате привилегија да скоцкате репортажа за прекрасно мариовско село, да подготвите приказна за Шарената џамија во Тетово или за Бигорскиот манастир или да угостите старец од стотина години, кој во студио ќе ви раскаже како преживеал две војни. Во вестите, за жал, имате максимум 30 минути, недоволни само за дневна политика, уште помалку за креативни репортажи и за прилози.

ФОКУС: А следите ли вести, со оглед на фактот дека е македонска програма што најчесто најмногу се следи?

БЛАЖЕВСКИ: Не се сложувам дека вестите се најгледан ТВ проект. Рејтинзите покажуваат дека е сосема спротивно. Гледачите се презаситени од политика и од дневни настани. И јас сѐ поретко гледам. Работата ми налага да бидам информиран постојано и се трудам да бидам секогаш во тек. Добар дел од информациите ги добивам и на работа и на интернет, така што, за среќа, не мора секој ден да гледам вести.aleksandar blazevski 09ФОКУС: Посакавте ли некогаш да завртите на црвениот телефон на Јасминка Аневска, инаку ваша партнерка од „Раноден“?

БЛАЖЕВСКИ: Искрено, за ова дознав од интернет-медиумите, бидејќи тој период не бев во земјата. Ја ценам и ја почитувам секоја иницијатива, досетливост и креативност. Несомнено целата акција помина маркетиншки успешно за што посведочи и наградата.

ФОКУС: Што го задржува вашето внимание најмногу од македонската телевизиска понуда?

БЛАЖЕВСКИ: Има многу нешта што сакам да гледам. На пример, „Вкусот на традицијата“ на Алфа со Андријана Алачки за мене е типичен македонски телевизиски бренд. Уживам гледајќи ја. Талкачи на МТВ, не пропуштам.

Би сакал да ја истакнам играната детска програма 5+ и популарниот Трчај Петко, проект на кој му се воодушевувам. „Бекстејџ“ го гледам со посебен жар, затоа што по седум години остана единствениот ТВ продукт од ваков тип, а цели пет години бев дел од него.

И на крајот сакам да ја гледам мојата Лила. Доказ како може многу години успешно да се плови во ТВ водите и да се биде секогаш свеж и интересен. Се разбира, би бил многу посреќен доколку телевизиската понуда би била побогата.

ФОКУС: Светските телевизиски мрежи, најголемо внимание посветуваат на утринските програми. Кај нас, перцепцијата е различна. Но, вие пак сте дел од утринската програма. Што ве натера да се вратите на утринскиот термин?

БЛАЖЕВСКИ: Се вратив таму каде што припаѓам. Пред камерите. Направив повеќе од четири години пауза бидејќи пред тоа буквално секојдневно ме имаше на екраните. Паузата ја искористив за да го менаџирам ТВ проектот „Бекстејџ“ како одговорен уредник, но зад камерите.

Во меѓувреме, јас заминав од проектот, а проектот замина од мојата фреквенција. Тогаш дојде понудата за „Дневен ред“. Бидејќи две години веќе работев на создавањето на утринската програма на А1 „Раноден“ од нејзините почетоци, бев свесен за каков проект станува збор.

По само неколку месеци водење ја презедов и целата програма. Водејќи се од рејтинзите на гледаност, денес сум сигурен дека за македонски услови, јас и мојот тим имаме исклучително атрактивна програма.

Многу сакаме да се споредуваме со светот. Имав можност да бидам гостин на неколку утрински програми во регионот, но и во светот. Не можеме да компарираме неспоредливи категории. Од човечки ресурси до технички можности. Мојата мисија е да го извадам максимумот. И од луѓето и од техниката.aleksandar blazevski 08ФОКУС: Голем дел од публиката годинава, посебно социјалните мрежи, најмногу ќе го паметат вашиот коментар за премиерот во  утринската програма. Но, дали навистина сите ве разбраа добро што, всушност, сакавте да кажете?

БЛАЖЕВСКИ: Жал ми е што по над 300 емитувани емисии, за пошироката јавност е интересна само дневната политика. Сум имал мал милион фантастични емисии и гости. Сме помогнале во решавањето проблеми на над стотина гледачи. Но, живееме во времиња кога граѓаните се тотално поделени на два табора, па мојот духовит коментар едни го дочекаа на нож, а други со ловорики.

И ден денес би го кажал истото доколку го погледнам тоа видео. Сум кажал и многу посериозни забелешки и критики за истиот премиер. Но, и за шефот на опозицијата. Тоа е мојот стил на водење програма.

На многумина можеби не им се допаѓа, но убавината е во фактот што имаме мал милион ТВ канали и во секој момент можеме да гледаме што ни одговара. Се обидувам да балансирам. Колку успевам, нека одлучат гледачите.aleksandar blazevski 03Јарец во хороскоп. Роденденот го слави на 23 декември. За години не го прашуваме, знаеме дека најважно е како човек се чувствува. Тој најудобно се чувствува во лежерна гардероба, иако знае дека телевизијата бара визуелен печат. Тоа, пак, одлучивме да го побаравме во Скопје Сити Мол.

ФОКУС: Декември е месец кога многумина прават рекапитулација на настаните. Вие го одбележувате својот роденден. Која е желбата што ви се мота низ глава пред роденденот?

БЛАЖЕВСКИ: Роденден е денот кога сум апсолутно депримиран. Со години наназад одбивам да го славам, уште помалку да ми го честитаат. Бројките и датумите никогаш не ме воделе низ животот. Роденденот е само показател дека старееме. Пречекот на Нова година е ретроспектива на сето она што сме пропуштиле во претходните 365 дена.

Секогаш може подобро. Затоа и желбите ми се во таа насока. Да биде подобро. За мене и за другите. Да биде подобро за општеството и за државата, да биде подобро за секој од нас. Имаме само еден живот сите и треба да бидеме сигурни дека добро сме го живееле.

ФОКУС: Астролозите ги опишуваат Јарците како работохоличари, секогаш загрижени и одговорно во испораката на дневниот распоред. Ги карактеризира цврста волја и самоувереност. Ги знаат своите способности, па затоа избегнуваат да се потпираат на други луѓе. Колку од овие особини се вистински ваши?

БЛАЖЕВСКИ: Ајде да почнам со таа што не е моја особина. Потпирањето врз другите. Напротив, целата моја професионална кариера ја темелам на потпирање врз други. Телевизијата е тимска игра. Не трпи самоувереност.

Неизмерно сум среќен што сум знаел да препознаам тим на соработници на кои секогаш можам да се потпрам, па резултатите никогаш не биле мои, туку заеднички. Работохоличар, да. Откако паметам за себе работам паралелно минимум две работи, од кои само едната е медиум, другата сосема нешто трето.

Би додал и прецизен и точен. Не сакам  недоречености и луѓе што доцнат. Можеби тоа е особина на водител, кој не смее да доцни ни минута на програма, а може и особина на типичен Јарец.aleksandar blazevski 07ФОКУС: Каков е Александар како татко на Филип? Дали имате разбирање за неговите промени во фазата на пубертетот? Дали ќе му дозволите пирс или тетовирање, посебно затоа што и вие сте ги имале како тинејџер?

БЛАЖЕВСКИ: Од секогаш сум избегнувал да зборувам на оваа тема. Како помлад, уште пред да станам татко, многу ми пречеше што добар дел од јавните личности ги влечеа своите деца по насловни страници и постојано ги сликаа. Ниту моето дете, ниту нивното не е ни малку подобро или поинтересно од кое било друго дете во нашата земја. А ниту јас не сум поумен и подобар татко. Го дозволувам и оправдувам сето она што го прави кој било просечен родител. Што би се рекло, сѐ во свое време.

ФОКУС: За што како родител не би правеле компромиси?

БЛАЖЕВСКИ: Животот е компромис. Децата растат и имаат свои погледи кон нештата. Што и да одлучи мојот син, тој, сепак, на крајот од денот ќе биде мој син. За нашите деца го посакуваме само најдоброто. Наше е да им овозможиме солидно образование, родителска грижа и домашно воспитување.

Но, секогаш немаме исти погледи за нивната иднина, изборот на начин на живот. Можеби и моите родители не се согласувале со мене за многу нешта, но тоа не значи дека тие биле лоши родители или јас лош син. Компромисот треба да биде обостран. Затоа разбирањето и почитта се клучни. Тука, пред сѐ, мислам на почитта кон нашите деца, а не само за родителска почит.aleksandar blazevski 04Во Скопје Сити Мол веќе замириса празничната атмосфера. Ја почувствуваме и ние. Списокот за шопинг го надополнивме со посета на продавницата на „Спортвижн“.

ФОКУС: По што ќе ја паметите оваа година?

БЛАЖЕВСКИ: За жал, по многу малку убави нешта. И оваа и претходната ми беа години на животни пресвртници. Години во кои приватно се борев и сѐ уште се борам со многу искушенија.

Години на болести во најблиското семејство, години на разделба од родител и сето тоа спакувано со еден куп други проблеми, кои поради карактерот на професијата морате да ги решавате во од и со крената глава, без ниту една пропуштена емисија во живо.

Но, и тоа е дел од животот што мора да се помине. Неволјата не прашува за години, статус или за време. Сакам да верувам дека следната година ќе издвојам нешто со што ќе можам да се пофалам пред себе, но и пред вашите читатели.

ФОКУС: Која е позицијата кон која ќе се насочите во иднина? Останувате верни на телевизијата или маркетингот ќе биде поле каде што ќе ловите нови предизвици?

БЛАЖЕВСКИ: Јас редовно, веќе седма година сум дел од ТВ Сител. Тоа е моја постојана работа, без разлика дали сум пред или зад камерите. Тоа е медиум кој максимално ми дава слобода на изразување и медиум кој максимално ме поддржува во она што го работам. Сител е моето второ семејство.

Паралелно веќе  година и пол работам  по струка во одделот односи со јавност во Млекара Здравје Радово. Работа која особено ја ценам и која ми отвори сосема нови хоризонти и познанства. Предизвик ми е програма во која ќе бидам тотално зад камерите. За себе лично сметам дека сум подобар работник од другата страна. Имам неколку интересни концепти за такво нешто. Па, се надевам дека ќе имам можност повторно да се фокусирам на тој дел, тамам колку гледачите повторно да одморат од мене.aleksandar blazevski 05Александар сака да ужива во вкусот на кафето. Па, токму тоа беше изборот со кој ја заокруживме денешната прошетка во Скопје Сити Мол.

Поврзани новости