Албанија, Maкедонија и Босна, земји со најнизок стандард во Европа

by Fokus

Стандардот на граѓаните во Северна Македонија минатата бил 49 отсто од просекот на ЕУ, додека една година претходно, во 2020 година бил 43 отсто, покажуваат податоците на Евростат.

Податоците покажуваат дека полош стандард од нашиот имаат граѓаните на Босна и Херцеговина, каде што нивото е 41 отсто од европскиот просек и на Албанија, која е најлоша со 39 отсто.

Србија има стандард 52 отсто од просекот на ЕУ, во Бугарија е 63 отсто (најниско меѓу земјите членки на ЕУ), а во Хрватска е 73 отсто. Косово не е опфатено во податоците на Евростат.

Евростат го мери стандардот според вистинската индивидуална потрошувачка по глава на жител, што покажува колку стоки и услуги потрошиле поединците, дали самите платиле за нив или трошоците се на товар на државите или невладините организации, посочува Европскиот завод за статистика.

 

Луксембург пак има највисок стандард, изразен во реалната индивидуална потрошувачка по глава на жител, 46 отсто повисок од европскиот просек, според првата проценка на Евростат. Зад него се Норвешка (која не е членка на ЕУ) со 26 отсто, Данска со 21 и Германија со 20 отсто над европскиот просек.

Најблиску до просекот на Унијата се Италија, Литванија и Кипар.

Чешка, Словенија, Полска, Шпанија, Португалија и Романија заостануваат во просек по околу 15 отсто.

Хрватска е во групата земји со најнизок стандард во 2021 година, изразен во фактичка лична потрошувачка по глава на жител, за 27 отсто пониска отколку во ЕУ.

Летонија, Унгарија и Словачка со стандард околу 30 проценти под просекот на ЕУ.

Бугарија, исто така имаше најниско ниво на реална лична потрошувачка по глава на жител и минатата година, 37 отсто под просекот на ЕУ.

И во однос на домашниот бруто-производ по жител, Македонија е на дното со 42 отсто во однос на европскиот просек, што значи дека е за 58 проценти помал од просекот на ЕУ. И тука нешто сме подобри од Албанија каде што БДП по жител е за 68 проценти под просекот на ЕУ и БиХ со 67 проценти под ЕУ просекот. Подобри од нас се Србија, која е 56 проценти под просекот на ЕУ според БДП по жител, Црна Гора со 53 проценти под ЕУ просекот и Турција каде што БДП по жител е 36 проценти под просекот на ЕУ.

Во ЕУ нема промени – и минатата година Луксембург ја потврди својата позиција како земја со највисок БДП по глава на жител, повеќе од два и пол пати повисок од просекот.

На второ место е Ирска со БДП по глава на жител повеќе од двапати од просекот на ЕУ, додека во Данска и Холандија тој е за една третина повисок. Шведска го надминуваа просекот за околу една четвртина, а  Белгија, Австрија и Германија за една петтина.

Најблиску до просекот се Франција, Малта и Италија.

Во Литванија, Естонија, Шпанија и Кипар, БДП по глава на жител е од 10 до 20 отсто под просекот, а во Полска, Унгарија, Португалија, Романија и Латвија имаат за 20 до 30 отсто помал БДП.

Во Хрватска, БДП по глава на жител минатата година е точно 30 проценти помал од просекот на ЕУ. Потоа следуваат Латвија и Словачка, кои заостанаа зад просекот за 29, односно 32 отсто.

Според Евростат најнизок БДП по глава на жител е забележан минатата година во Грција и Бугарија, 35 отсто и 45 отсто помал од просекот на Унијата.

С.Т.

 

Поврзани новости