Албанија и Косово испратија честитка за постигнатиот договор помеѓу Македонија и Грција

by fokus

Албанскиот премиер Еди Рама и албанскиот министерот за надворешни работи, Дитмир Бушати, го поздравија постигнатиот договорот помеѓу Македонија и Грција за спорот за името.

– Два прогресивни лидери на соседните земји денеска влегоа во историјата и им порачаа на Европската унија и на целиот свет дека имаат визија и волја да ги надминат минатите пречки и да најдат простор за поглед кон иднината. Изразување на почит за Зоран Заев и Алексис Ципрас. Балканот денес е побезбедно место, пишува Рама на Твитер.

Албанскиот министер за надворешни работи, Дитмир Бушати позитивно го цени овој договор нареркувајќи го „историски договор“.

– Ова го отвора патот не само на една земја, туку и на целиот регион кон евроатлантското семејство. И покрај тешкотиите, дипломатијата покажа дека функционира, пишува Бушати.

Честитки испратија и косовските претседател и премиер Хашим Тачи и Рамуш Харадинај им честитаа на Атина и Скопје за постигнатиот договор за името на Македонија, јави Танјуг.

– Им честитам на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев и нивните граѓани, напиша Тачи на Твитер, со порака дека „обновената можност за влез (на Македонија) во ЕУ и НАТО му помага и на Косово и на целиот Западен Балкан“.

Харадинај, на истата социјална мрежа, решавањето на прашањето за името го оцени како „одлична вест“.

– Им честитам на Заев и Ципрас на визијата и истрајноста. Се надевам дека сите преостанати отворени прашања на Балканот ќе бидат решени со ист конструктивен пристап, порача косовскиот премиер.

Поврзани новости