Ако во недела не работат трговските центри во Скопје, нашите граѓани ќе одат во Косово и во Србија, смета Заев

by Fokus

Премиерот Зоран Заев смета дека трговските центри треба да работат и во недела, но вели дека им дава шанса на ресорните министри, работниците и коморите да утврдат кое е најдоброто решение.

-Ако во недела не работат трговските центри во Скопје нашите граѓани ќе одат во Косово и во Србија. Ако, пак, работат, тие ќе дојдат овде во недела. При тоа работењето во недела треба да се определи какво е согласно работничките права, рече премиерот Заев во одговор на новинарско прашање при денешната посета на „Скопје Ист Гејт“ заедно со вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и министрите за транспорт и врски и за економија, Благој Бочварски и Крешник Бектеши.

Нагласи дека сака секоја мајка и татко што ќе работи во објектот на „Скопје Ист Гејт“ или во другите трговски центри да имаат право и на неделен одмор.

-Треба да се регулира дали ќе работат 10 часа наместо 12 или 18 часа колку што работат во недела. За тоа постојат стручни луѓе и министрите за економија и за труд и социјална политика веќе ми презентираа креативни решенија што во моментов се бараат, рече Заев.

Поврзани новости