Ако сакате да продавате на зелен пазар, ќе мора да поседувате легитимација за продажба

by fokus 13:30
13:30

Македонија се уште нема стратегија за зелените пазари, а се повеќе се намалува и бројот на закупци на тезги поради сивата економија, нелојалната конкуренција и одливот на млади од државата.

Како што беше речено денеска во Стопанската комора на Македонија, и натаму е актуелна камионска продажба надвор од пазарите. Особено се интензивира на есен, но државата презема соодветни и ефикасни мерки за нејзино спречување.

- Advertisements -

Пазарџиите очекуваат новиот Закон за трговија на зелените пазари да регулира многу прашања. Законот, меѓу другото, предвидува тезгаџиите да имаат легитимации што строго ќе ја дефинираат нивната дејност и ќе укажуваат што точно продаваат, но и да плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување, по минимална тарифа, како за индивидуалните земјоделци.

– За здравствено осигурување закупците на тезги ќе треба да плаќаат по 540 денари, а за пензиско 1.500 денари наместо 5.000 колку што се придонесите за најниска плата. Целта на Законот не е дополнително да ги оптовари, туку да стави ред на зелените пазари, рече на прес-конференција Даниела Михајловска од Комората.

И пазарџиите го поздравуваат ваквото решение.

– Убавата вест е тоа што законодавецот за трговците на зелените пазари предвидел повластена цена за здравственото и пензиското осигурување – тарифирање како за индивидуалните земјоделци, истакна претседателот на Комората на трговците на тезги и зелени пазари Златко Шекеров.

Оваа Комора ќе ги издава и легитимациите, но колку ќе чинат и дали ќе се издаваат на годишно ниво, се уште не е утврдено.

Во Хрватска и Србија, прометот на зелените пазарите последниве години бележи пад за околу 25 отсто наспроти продажбата во моловите и големите трговски центри. Ситуацијата е слична и во Македонија, но колкаво е намалувањето не се знае зашто, според Михајловска, нема кој да го измери.

За подобрување на состојбата со зелените пазари, денеска на прес-конференцијата во Стопанската комора Меморандум за соработка потпишаа Групацијата на пазарите и Комората на трговците на тезги и зелени пазари.

Поврзани новости