Ако Груевски бил татко на две деца, зошто ги остави и побегна, реагира во жалба обвинителката Фетаи

by fokus

Обвинителката Фатиме Фетаи, незадоволна од изречената затворска казна од 1 година и 6 месеци затвор за избеганиот нарачател и поттикнувач на насилствата во општина Центар Никола Груевски, поднела жалба до Апелациониот суд Скопје, пишува СДК.МК.

Фетаи во жалбата првенствено предупредува дека со толку ниска казна за „настан кој ја посрамоти државата“, судот му овозможува на избеганиот Груевски таа побрзо да застари. Според законот, извршувањето на неговата санкција апсолутно застарува за шест години од правосилноста, па таа констатира дека „по досегашното однесување на Никола Груевски кој повеќе од две години е во бегство, тоа нема да претставува особена тешкотија“.

Обвинителката бара максимална затворска казна за Груевски за поттикнување на насилствата во општина Центар, а за второобвинетиот Миле Јанакиески и за уште тројца од вкупно шестемина осудени условно, бара ефективни затворски казни.

Судијата Душан Јосифов од Основниот кривичен суд при изрекувањето на пресудата за овој маратонски судски процес, како олеснителна околност за првообвинетиот Груевски за ниската казна, наведе дека тој е родител на две малолетни деца.

Фетаи во жалбата прашува ако бил татко на две малолетни деца, зошто ги оставил и побегнал и како може првостепениот суд тоа да го смета за олеснителна околност?

„Неговиот акт, акт на лице кое побегна и ги остави и сопствените деца, ја минимизира, ако не и целосно неутрализира околноста што Судот ја наоѓа и цени како олеснувачка – дека е татко на две малолетни деца“, протестира Фетаи и за овој момент при носењето на пресудата.

Поврзани новости