ИНТЕРВЈУ – Пепи Мирчевски: Ме импресионираше едноставноста на Моника Белучи!

by Fokus

Со својата 40-годишна кариера, еден куп улоги во претстави, филмови, тв серии, битолскиот актер Петар Пепи Мирчевски сосема заслужено оваа година ја доби престижната награда „11 Октомври“.

Мирчевски е уште еден од постарата плејада на актери кои оставиле голема трага врз уметноста во Македонија, а по тој повод „Фокус“ направи интервју со Мирчевски, за неговите театарски успеси, искушенија, политиката во театарот.

Како што ни истакна Мирчевски, тој е задоволен од наградата, додавајќи дека тоа е мотивација за него.

„Нормално дека сум задоволен што сум добитник на една ваква награда. Тоа е признание за мојата долгогодишна работа, која е со видливи резултати. Секако, оваа наградата ми е мотив за понатаму во мојата кариера“, вели Мирчевски.

Според него, за да се дојде до едно вакво високо признание, потребно е многу работа и труд.

„Јас вложив 40 години актерска работа, со околу 170 театарски премиери, повеќе од 30 играни филмови, тв серии, тв драми, тв филмови и многу исушенија“, раскажува Мирчевски.

Со над 150 театарски претстави, Мирчевски сигурно е еден од нашите најдобри театарски актери на  штиците што живот значат. Има многу театарски ликови кои ми се драги, вели Мирчевски.

„Постојат повеќе театарски ликови,кои ми се драги. Тука се ликот на Сирано, Ричард Трети, Крал Иби, Скапен, Санчо Панса, Воланд. Тоа се комплексни ликови за еден актер“, истакна актерот.

Заедно со Ратка Радмановиќ, пред три годинии имаа чест да играат со филмската италијанска дива Моника Белучи во филмот „На млечниот пат“.Откри што го импресионирало кај познатата актерка.

„Јас сум поборник на едноставноста. И токму тоа е нештото кое ме импресионира кај неа“, кусо одговори Мирчевски.

Актерот пред неколку години беше вклучен и во турската серија „Збогум Румелиа“. Тој не можеше да направи споредба помеѓу македонска и турска продукција, но порача дека во Турција многу брзо се работи.

„Не можам да генерализирам. Секој проект е посебен со свои специфичности. Во „Збогум Румелија“ се работеше доста брзо и постојано мора да бидеш мобилен, сценариото стасуваше од ден за ден. Кај нас има добри продукции, со за мене нормални некои проблеми во процесот на работа“, вели Мирчевски.

Македонија во изминатите неколку години доста работи на театарски план, да се подобри ситуацијата, да се врати достоинството на актерот.

Но, Мирчевски смета дека мора институциите повеќе да се потрудат околу таа ситуација.

„Секогаш може повеќе и подобро. Треба да се мотивираат вистинските вредности. Се прават  напори да се подобри и достоинството на актерите, но за она правото, вистинското достоинство треба уште многу да се работи“, смета Мирчевски.

И покрај толкава театарска и филмска „километража“ зад себе, Мирчевски никогаш не помислил да се повлече од сцената.

„Мислам дека сум со голема актерска енергија и жед за нови актерски остварувања. Јас мислам дека не спаѓам во оние што страдаат од суета, но ги има и такви. Нека мислат на тоа што го работат и се ќе биде во ред“, додаде тој.

Актерите од нашето театарско небо е многу тешко да излезат надвор од балканската филмска сцена. Можеби редок пример е Раде Шербеџија, кој успеа да стаса и до „Холивуд“.

„Ми се укажа прилика да излезам од балканската сцена, имаше некои навестувања, покани и предлози, но не се остварија“, истакна Мирчевски.

И покрај целиот театарски и филмски „багаж“ што го носи со себе, Мирчевски вели дека може и повеќе во кариерата.

„Мислам дека  пристојано сум реализиран како актер, но не сум најзадоволен, можам повеќе. Сум немал некои поголеми падови. Успех е што сум работел со врвни театарски и филмски  режисери и со брилијантни актери“, додава тој.

Политиката во Македонија почна да „меша прсти“ во многу сфери во општеството, па така и театарот не остана имун на неа. Дел од актерите на некој начин влегоа во политиката, нешто што воопшто не му се допаѓа на битолскиот актер.

„Тоа е нивна одлука. Добрите актери треба да останат актери. Грев е да се изгуби добар актер, а да се добие лош политичар. За мене не постои  цена со  која политиката може да го „купи“ актерот“, смета Мирчевски.

Тој периодов има големи ангажмани, но како што порача, се дружи со голем дел од неговите колеги и често контактира со оние кои не се од Битола.

Фотографиите се од серијалот „Пепи и Муто“, филмовите „Сенки“ и „Пред дождот“, телевизиската серија „Преспав“ и телевизиската емисија „Еден на еден“.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости