Ахмети за Заев: Тој ја ризикува политичката кариера за доброто на државата

by Фокус

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, коментирајќи го интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарски БГНЕС, рече дека кај него има добра волја за решавање на спорот со Бугарија, што, според него, е многу важно за иднината на земјата.

-Верувам дека ова е ризик и лична жртва на Заев, кој ја ризикува својата политичка кариера да ги каже работите така директно, со најдобра намера за земјата, државата и нашите граѓани – рече Ахмети.

Тој додаде дека Албанците се солидаризираат со Македонците околу ова прашање.

– Во оваа ситуација, ние секако ќе се солидаризираме со нашите македонски сограѓани и никогаш не сме спореле за ништо, било за јазикот или историјата, затоа што нашите судбини биле исти, окупаторите ни беа исти и жртвувањата ни биле заеднички, заеднички да бидеме слободни во овие простори – рече Ахмети.

Според него, потребно е да се најде решение што побрзо, но без влијание на емоциите, туку со разум.

–  Се надевам дека бугарската страна, која беше придонесувач и потврдувач на нашите универзални вредности за членството на нашата земја во НАТО и почетокот на преговорите за ЕУ исто така ќе покаже висока рационалност за надминување на овие постојни разлики и што е можно побрзо да се започне или да се одржи заеднички меѓувладин состанок за почеток на преговори за членство во ЕУ – истакна Ахмети.

Поврзани новости