Ахмети нуди работни групи, Заев не отстапува од преодна влада

by Фокус 15:14
15:14

Политичките лидери Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи на денешната лидерска средба во Клубот на пратеници се договориле повторно да се сретнат на 26 мај, откако денеска ниту една страна не се поместила од своите почетни позиции и пропаднал обидот да се утврди рамка во која би почнале преговори за надминување на политичката криза.

Како што веќе објавивме, Ахмети предложил да се формираат работни групи кои ќе трагаат по решенија за излез од оваа ситуација, но Заев ја отфрлил оваа идеја, не отстапувајќи од почетниот став дека мора да се формира преодна влада како основен предуслов пред да започнат било какви разговори.

- Advertisements -

– Мора да се формира преодна влада, при што постојат повеќе варијанти како таа би изгледала, дали ќе биде технократска, експертска, може да биде и политичка, но таа мора да гарантира рамноправност за сите – рече Заев по средбата.

Груевски и Ахмети ги избегнаа новинарите, додека пред нив се обрати портпаролот на Тачи, Луан Треси, кој изјави дека и ДПА ќе излезе со свои предлози за надминување на кризата.

Инаку, од СДСМ брифираат дека албанските лидери настапуваат целосно усогласено со Груевски и всушност во негово име доставуваат предлози што и одговараат на власта.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, неофицијално коментираат дека ваквите неточни тврдења, пред се, претставуваат навреда за албанските лидери и воедно покажуваат дека опозицијата е таа која не сака договор.

Поврзани новости