Ахмети не коментира дали во „Монструм“ се вмешани функционери од ДУИ

by fokus

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по денешната средба со еврокомесарот, Јоханес Хан, на прашања од новинарите не сакаше да ги коментира обвинувањата дека членови и функционери на неговата партија се вмешани во случајот „Монструм“ и упати на Судот.

– Немам информации затоа што не сум дел од тој процес и тие објаснувања би требало да ги побарате таму каде што се одвива самиот судски процес, рече Ахмети.

Запрашан за функционерите на ДУИ кои се споменуваат за злоупотреби на средства од буџетот, Ахмети побара од медиумите да ги демаскираат со име и презиме пред обвинителството.

– Ако има во рамките на ДУИ функционери кои ја злоупотребуваат довербата и ги злоупотребуваат средствата на граѓаните ве молам да ги демаскирате со име и презиме и со факти пред органите на правдата, во обвинителството. Јас не не сум обвинител, јас сум политичка партија која е заинтересирана работите да одат во правилен тек. Прашања кои се против интересите на граѓаните и на Република Македонија треба да добијат заслужена казна, не само тие што се на јавни функции туку кој било, рече Ахмети по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан.

Ахмети не одговори дали ДУИ ќе отстапи од своите ресори за сметка на Беса, чии две крила преговараат со премиерот Зоран Заев за влез во Владата.

– Тоа се разговори меѓу политичките партии. Со тек на времето ќе видиме како ќе менаџираме, кажа Ахмети.

Во врска со законот за јазиците, кој е усвоен, но претседателот Ѓорге Иванов одбива да го потпише, Ахмети вели: „прашање е на време, како ќе успееме да го објавиме во Службен весник“.

 

Поврзани новости