Агим Муртезани стана трет Албанец во пратеничката група на СДСМ

by Фокус

По Мухамед Зекири и Гулимсер Касапи, пратеничката група доби уште еден Албанец –  Агим Муртезани, кој влезе во парламентот на местото на новоизбраниот градоначаник на Штип, Благој Бочварски.

„Ќе се трудам на најдобар можен начин да ја оправдам довербата на граѓаните“, напиша вчера на неговиот фејсбук профил Муртезани, кој доаѓа од селото Јаболчиште во рамки на Општина Чашка.

Инаку, Муртезани беше на 11-то место на пратеничката листа на СДСМ и коалициските партнери на минатогодишните парламентарни избори во третата велешко-штипска изборна единица, каде социјалдемократите освоија 9 пратенички мандати.

Оваа пратеничка листа ја предводеше Љупчо Николовски, кој по именувањето за министер за земјоделство ослободи место во парламентот за десеторангираната Славица Шуманска – Митева.

Откако Бочварски на локалните избори беше избран за градоначалник на Штип, во парламентот влезе и единаесетиот на листата Муртезани. Покрај него, нови пратеници станаа Татијана Лалчевска, Анета Симеска-Димоска, Лидија Тасевска, Ристе Ташев, Костадин Костадинов и Костадина Ацевски.

Тие всушност ги пополнија местата на пратениците што беа избрани за градоначалници на Скопје, Карпош, Шутооризари, Куманово, Гевгелија и Струмица – Петре Шилегов, Стефан Богоев, Курто Дудуш, Максим Димитриевски, Сашо Поцков и Коста Јаневски.

Поврзани новости