Агенцијата за вработување се огласи за „туарегот” на Спасов

by fokus

Од Агенцијата за вработување се огласија за сообраќајката што пред два дена ја предизвика дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов.

Од таму велат дека „туарегот” што го возел Спасов не е нивни и оти лани им го отстапиле на Министерството за труд.

-Во октомври 2015 година меѓу Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување е склучен Договор, со кој Агенцијата за вработување на Република Македонија на Министерството за труд и социјална политика му отстапува расположливи технички средства, меѓу кои и расположливи службени моторни возила, освен оние возила кои се донација од ЕУ. За користење и управување со овие возила на Агенцијата, Директорот издал и соодветни Овластувања- се вели во објаснувањето на АВРМ.

Од Агенцијата велат и дека во надлежните институции постои документација од која јасно може да се констатира дека не станува збор за било каква злоупотреба од страна на Агенцијата.

Претходно денеска, министерката Фросина Ременски рече дека Спасов противзаконски располагал и управувал со возило на Агенцијата за вработување, а повремено користел и уште три службени возила. Според неа, тој ги користел четирите возила, кои со претходна одлука на Владата биле доделени на Агенцијата за вработување и биле купени со пари од ИПА-фондовите.

Поврзани новости