Агенцијата за храна спровела 738 вонредни контроли

by fokus

Пропусти во поглед на почитување на препораките за заштита од корона вирусот, недоследности во однос на општите хигиенски услови, како и продажба на производи со изминат рок и пропусти во редовното водење записи за спроведување добри хигиенски практики се утврдени при контролите што ги врши Агенцијата за храна и ветеринарство.

За утврдените недоследности, донесени се 32 решенија за нивно отстранување, изречени се 46 мерки едукација и две парични казни.

Како што информираат од АХВ, во изминатите две седмици, инспекторите за храна и официјалните ветеринари спровеле 738 вонредни контроли во продавници, супермаркети, угостителски објекти и месарници. АХВ, од 16 март, почна да ги спроведува засилените инспекциски контроли кај операторите со храна.

Засилените контроли, велат од АХВ, се спроведуваат како дел од активностите за намалување на ризиците и спречување на ширење на коронавирусот. Затоа се вршат проверки дали операторите со храна, покрај основните и посебните услови за производство, дистрибуција и трговија со храна, ги почитуваат и препораките на Владата и на Комисијата за заразни болести, за спроведување на засилената дезинфекција на опремата и транспортните средства и објектите за трговија, со цел намалување на потенцијалната опасност од ширење на корона вирусот.

Поврзани новости