Агенција од САД посредува за посвојување деца од Македонија по цена од 40.000 долари

by fokus

Организација регистрирана во Биргингем, Алабама меѓународно посредува во процесот на посвојување деца, објави ТВ 24. На интернет страница се понудени неколку држави од кои може да се посвои дете, меѓу кои и Македонија. Кога ќе го кликнете квадратчето со земјата се отвора прозорец со оскудни информации, но затоа кога ќе стигнете до ценовникот ќе ги пронајдете сите услови, рокови и суми. За Македонија пишува дека е вклучена во програмот од 2015 година. Наведено е дека земјава дозволува посвојување деца на возраст од 1 до 15 години и дека надлежен орган е Министерството за труд и социјална политика.

Кога ќе стигнете до ценовникот гледате детална листа со држави. Конкретно за Македонија е наведено дека процесот на посвојување трае од 18 до 24 месеци, потребни се само две посети на земјава, а не е одлучено дали по посвојувањето државата ќе врши надзор. Вкупната сума која посвоителот треба да ја плати за дете од земјава изнесува 40.459 долари.

Наведено е дека од оваа сума, за агенцијата одат 14.550 долари, за трета страна 15.409 долари, а за патни трошоци 10.500 долари. Од балканските држави, освен Македонија вклучени во програмот се и Србија и Бугарија.

Министерството за труд и социјална политика е запознаено со организацијата од Алабама која посредува во меѓународното посвојување во чиј програм е и Македонија. Од надлежното министерство велат дека агенцијата е овластена од САД и дека соработката со неа е согласно Хашката конвенција од 1993 година.

-Агенцијата Lifeline, согласно Хашката конвенција од 29 мај 1993 година за заштита на децата и за соработка во областа на меѓународното посвојување, е овластена агенција од страна на Соединетите американски држави за посредување при меѓународно посвојување. МТСП нема реализирано посвојување преку оваа агенција, а во изминатиов период било поднесено само едно барање, се вели во одговорот.

Поврзани новости