АЕК ги дуплираше годинава парите за кулата на Водно на три милиони евра

by fokus

За изградба на антенскиот столб на Агенцијата за електронски комуникации на Водно годинава ќе се потрошат вкупно 3.160.539 евра, покажува извештајот на Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Со ребалансот на буџетот АЕК реши годинава да ги зголеми за 1,5 милиони евра средствата за изградба на оваа кула која е предвидено да се заврши до следната година и да чини вкупно 18 милиони евра. До зголемување на ставката за антенскиот столб дојде откако во буџетот беа скратени средствата наменети за донации. Оваа ставка, преку која беше финансирано панорамското тркало на ЈСП, е намалена од 1.225.772 евра, на 75.040 евра.

Од невладините велат дека годинава била доделена само донација на пливачкиот клуб Бета од Скопје, но од АЕК нема информација кој е износот на доделените средства.

„Повторно, во записникот од состанокот на Комисијата не е посочено за колкава сума станува збор, ниту пак за што точно се донирани овие средства. Во претходните два извештаја посочивме за донациите на АЕК за работи кои не се поврзани со развојот на електронските комуникации. Изостанувањето на вакви информации за донациите знаеше да предизвика реакции во јавноста. Медиумите во неколку наврати го повикуваа АЕК преку ЈСП Скопје да престане да ја “спонзорира“ изградбата на Панорамското тркало“, стои во мониторинг извештајот за период од април до јуни.

Приходите на најбогатата институција во Македонија за 2017та година се планирани на 8.869.455 евра. Агенцијата планира годинава да потроши исто толку колку што изнесуваат предвидените приходи. При тоа во новиот годишен финансиски план е предвидено нереализираните средства од претходните години 869.455 евра да се префрлат во буџетот за 2017 година.

Во извештајот стои дека политичката криза во Македонија го спречила доаѓањето на трет мобилен оператор.

„Агенцијата направила сè што е потребно за да се овозможат услови за влез на нов оператор на пазарот во Република Македонија. Имало и контакти со потенцијални оператори кои имале интерес за влез на македонскиот пазар, но политичката состојба во Македонија во тој момент веројатно влијаела на конечната одлука на можните инвеститори.Овие информации ги потврдија и претставниците на АЕК, во интервјуата спроведени за целите на овој мониторинг“, велат од невладините.

 

Поврзани новости