Адвокатот Василев казнет со 1.000 евра на денешното рочиште за “Титаник”

by fokus

Адвокатот Петар Василев на денешното рочиште за случајот “Титаник” беше казнет со 1.000 евра казна, бидејќи за време на паузата си заминал, а не го известил судијата.

Поточно, пред стартот на рочиштето судијата дал пауза за да пристигне обвинетиот Миле Јанакиевски, кој доцнел. За време на паузата, пак, адвокатот на Илија Димовски, Василев си заминал. Судијата не дозволил некој од колегите да го смени, бидејќи Василев не го известил дека ќе замине.

Покрај казната од 1.000 евра, судијата го задолжил адвокатот да ги плати и трошоците за спровод на обвинетите.

Во случајот „Титаник“, освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

В.В.

Поврзани новости