Адвокатот Тортевски предлага „Протестирам“ да отвори сметка за донации за судски казни

by Фокус 12:11
12:11

Адвокатот Александар Тортевски препорачува дека е неопходно да се отвори жиро сметка на која граѓаните ќе донираат средства кои би се користеле при исплата на штета кон одредена институција, каков што е сега примерот со канцеларијата на Иванов. Поттикнат од судскиот процес против неколкумина демонстранти од кои се побарува да ја надоместат материјалната штета за кабинетот на Иванов во висина од 15 илјади евра, адвокатот смета дека е време граѓаните согласно можноста да уплатат одредена сума на сметката, а тие пари во иднина би се користеле за исплата на штети, не само во случајот со Иванов, туку и со други, следни обиди на власта преку судството да извлекува пари од демонстрантите, а со тоа да ја намали нивната упорност и истрајност на улица.

-Можеби најдобро ќе биде таа сметка да ја отвори движењето „Протестирам“ и да има некаква контрола за да се знае кој колку пари уплатил на сметката и како после тие пари се користат. Еве јас се нафаќам да бидам првиот што на таа сметка ќе стави донација со цел да покажеме дека не се плашиме од власта, дека сме солидарни и дека ниту еден демонстрант нема да биде оставен на цедило“- вели Тортевски.

- Advertisements -

Овој предлог наликува на примерот со Фокус кога неделникот требаше да исплати девет илјади евра на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, па парите беа собрани на ваков солидарен начин од новинарите и граѓаните за само неколку дена. Што се однесува до судскиот процес извесно е дека ќе има некакви казни за сторителите кои ја вандализирале канцеларијата на Иванов, но и натаму спорна е висината на штетата, односно ќе мора да се изјасни некој вештак, а не самиот кабинет на Иванов, исто како што ќе биде неопходно да се индивидуализира казната.

Поврзани новости