Адвокатот Ѓоко Гажоски во анализа за „Фокус“ вели дека реформите во правосудството не може да бидат извршени доколку претседател на Врховен суд е Јово Вангеловски.
-Тој лично патем не толку одамна со една од одлуките иницираше и устоличи(направи правен преседан) суспензивно дејство на жалбата во постапките пред судија на претходна постапка по однос на мерките за обезбедување на обвинет, која одлука беше искористена и им беше овозможено на обвинети во случаите од СЈО да избегаат.
Конкретно се работи за Горан Грујовски и Никола Бошковски кои ја искористија овозможената ситуација и избегаа во Р.Грција, каде што се наоѓаат и ден денес.
Потоа и Сеад Кочан ја искористи истата одлука за да избега во странство па да се врати по извршените тајни преговори по кои следеа измени во Кривичниот законик на Р.М по однос на санкцијата на конкретниот член и најверојатно избегнување на ефективна казна затвор.
Понатаму истиот судија беше иницијатор и го реферираше предлогот, односно иницијативата за носење на начелно правно мислење, по кое следеше и одржувањето на општата седница и беше донесено неодамна начелното правно мислење со кое им се „кратат крилјата на СЈО“.
Истиот се обиде да протне реферат во Врховниот суд на Р.М по однос на дозволеноста и користењето на „бомбите“, односно нелегално стекнатите аудио снимки во процесот на прислушкувањето во кривичните постапки на СЈО.
На кого и што не му е јасно?, вели Гажоски.
Тој смета дека начелното правно мислење и постапувањето на Вангеловски е премолчено и одобрено од сите релевантни политички чинители, зашто тоа ним им е во прилог.
-Загрижувачки е фактот што нема политичка волја ниту кај власта, ниту кај опозицијата, за да се извршат реформи во правосудниот систем, ниту пак сакаат истите да се изградат механизми и силни институции како на пример јако СЈО.
Заклучокот е дека Јово им ја завршува работата и на позицијата и на опозицијата по однос на „погребот на СЈО“ и затоа од нивна страна нема никакви апели или барања во јавност за негова оставка, вели адвокатот Гажоски.
К.С.