Адвокатот Андреев: Иво сакал да плати за црквата, ама без да знае власта

by Фокус

Адвокатот Ване Андреев од адвокатскиот тим на претседателот на СДСМ и градоначалник на општина Струмица, Зоран Заев, испрати реакција на пишувањата на медиумите во врска со наводниот поткуп што го барал Заев од Иво Сачевалиев од Струмица.

Неговата реакција ја пренесуваме во целост:

„Нема држава во Европа, па и во светот, каде што цела државна власт со сите свои инструменти и средства напаѓа една единствена личност, претседателот на опозицијата. Употребува секакви мерки на местење, снимање, поттикнување, вадење од контекст, само за да се создаде некое кривично дело. Огромен е притисокот врз една личност која што ниту има овластувања, ниту пак какви било ингеренции за да се бори против сите тие инструменти на власта. Буквално, целиот систем е поставен и вперен против една личност. Тоа е една толку нерамноправна борба што треба да бидеш натчовек за да ги издржиш сите тие притисоци. Тоа е парадокс кој што во цел свет треба да биде како пример во кој очајно се вадат вон контекст некои снимки кои што тие ги прават кога сакаат. Цела држава со сите инструменти дејствува против една личност и не успеваат да му докажат вина.

Како застапници на Зоран Заев и како адвокати кои во институциите на судот, полицијата и во јавното обвинителство постапуваме согласно законот и овластувањата, сме згрозени и едноставно не можеме да поверуваме како државните органи вршат објавување на снимки од Посебните истражни мерки.

Да се прави поткуп со Посебни истражни мерки е очигледно провокација и местење, значи ако има било каков основ за земање поткуп, имаме докази, предметите се завршени, а во самите снимки има дел кога Иво му вика на Заев зошто го тужел, значи Заев го има тужено истовремено Иво затоа што не си го платил долгот за комуналии, тогаш се поставува прашањето, какво е тоа земање поткуп, а во исто време да биде тужен.

Конкретно, со објавувањето на аудио – видео записот за Зоран Заев преку медиумите и веб порталите, не може на друго место да се лоцира изворот на објавувачот, освен кај тој што ги поседува. Тие снимки ги поседуваат Јавното обвинителство од организиран криминал и МВР од организиран криминал кое што врши снимање. Не е јасно како тие институции, познавајќи ги законските одредби како треба да се постапува со тие докази, вршат јавно објавување и обелоденување. Дали причината за тоа е само да се оцрни личноста на Зоран Заев и тие снимки да се објават вон контекст, односно, нецелосно, па истите свесни дека не постои кривичното дело кое сакаат да му го стават на терет, едноставно вршат уништување на докази, сакајќи со тоа кај народот да создадат површна слика за самото дело.

Доколку предметната видео снимка биде во целост прегледана, јасно ќе се види дека станува збор за нудење сума од 2 евра од страна на Иво Сачевалиев како донација за храмот, меѓутоа, самиот во разговор со Заев укажува дека му е страв тоа јавно да го стори за да не биде забележан од власта и да не му замери како Иво Сачевалиев помага на соборниот храм, а со тоа и на Зоран Заев, едноставно, истиот сака да ја скрие постапката за помагање на храмот. На тоа, Зоран Заев јасно му укажува, дека тоа може да го стори со плаќање на парите, директно купување на железо, бетон во кеш, или да ги остави кај него, кај брат му Вице, кај братучедот Трајче за да одат директно да уплатат, значи сите тие разговори се јасно наведени во снимките, но очигледно сакајќи само да се нанесе штета, се вади еден дел од контекст.

Дали власта е свесна дека нема кривично дело па врши само политичко оцрнување на Зоран Заев, а сето тоа вадејќи ги снимките вон контекст, тоа нас не ни е јасно, народот треба сам да заклучи. Сметам дека доколку тоа го прават, треба истите тие снимката да ја дадат на новинарите, како што тоа го прави Заев и да биде целосно ислушана и објавена. И доколку полицијата и обвинителството сметаат дека така треба да се постапува, слободно нека ги објават сите докази.

Очигледно, од доказите во јавното обвинителство се утврдува и докажува дека градоначалникот Зоран Заев, во постапките за приватизација нема преземено никакво дејствие кое што не би смеел да го преземе, ниту пак спречил дејствие кое не би смеел да го спречи, а тоа укажува дека доколку нема такви дејствија не можат да бидат водени посебни истражни мерки, тоа значи дека и самото дело не постои.
Дали органите на прогонот, јавното обвинителство и МВР, се свесни за тоа и употребувајќи ги тие докази од посебните истражни мерки како јавни снимки, кое што не смеат да го прават, сакаат само да добијат некаков политички ќар со оцрнување на Зоран Заев. Народот нека заклучи.“

Поврзани новости