Адвокатката на напаѓачот на Тодоров: Љупчо има повреди на лицето и телото

by fokus

Со видливи повреди на лицето и телото, и лоша здравствена состојба, денеска Љупчо С. бил изведен пред судија на претходна постапка, тврди за „Фокус“ неговата адвокатка Павлина Зефиќ.

-Точно е дека Љупчо има видливи повреди на лицето и телото, во пределот на плешките, за што имаме и медицинска документација. Денес во судот беше кажано дека бил повреден при апсењето, наводно имало тепачка меѓу него и обезбедувањето, но Љупчо тврди дека бил тепан, па затоа ова дополнително ќе се утврдува, ни изјави адвокатката Зефиќ.

Таа појаснува дека Љупчо не бил во состојба да даде исказ пред судијата на претходна постапка, бидејќи бил потресен и во неколку наврати му се слошувало, поради што интервенирала екипа на Брза Помош.

-Не даде исказ ниту пред обвинител, ниту пред судија на претходна постапка, бидејќи беше вознемирен и во лоша здравствена состојба, истакна Зефиќ.

На нашето прашање дали пиштолот бил гасен, како што вчера објави „Фокус“ повикувајќи се на извори од МВР, адвокатката истакна дека таа се уште нема информација за видот на оружјето, бидејќи поради состојбата на клиентот не можела од него да добие одговор.

-Засега нема информација за видот на пиштолот, поради што ќе побараме да се направи вештачење, истакна Зефиќ.

Велешанецот Љупчо С. вчера пукаше во екс министерот за здравство Никола Тодоров, а при нападот Тодоров не беше повреден. Обвинителството го гони велешанецот за обид за убиство и незаконско поседување и држење на оружје. Љупчо С. е дедо на малата Тамара која почина додека чекаше дозвола да се лекува во странство.

В.В.

Поврзани новости