Адвокатката на Латас до Ангелов: На подадената рака вративте со омраза

by fokus

Адвокатката Анита Бегова реагираше на писмото од Стојанче Ангелов, во кое генералот обвини дека нејзиниот клиент Драган Павловиќ Латас, врши притисок врз неговото семејство и се му се заканува со извршители.

Нејзиното писмо ви го пренесуваме во целост.

Како спомената и повикана во Вашето писмо упатено до Драган Павловиќ Латас, неможев да се воздржам, а да не Ви одговорам на истото.

Пред две недели се обратив до Вашиот адвокат, мојот почитуван колега Ацо Ваислевски, кого го известив дека не е платен долгот од Ваша страна по Пресудата 8П4-а 115/13 правосилна од ден 09.04.2014. Колегата зема за обврска да Ве контактира, но заради Ваше отсуство од државава, ме упати да се обратам за контакт со Вас преку Вашата сопруга. Ми беше драго што разговарав со неа не само како Ваша сопруга туку и како дипломиран правник со положен правосуден испит, па разговорот беше воден на високо професионално ниво. Информациите што ги добив од неа беа дека Вие немате примања во Македонија и затоа извршувањето, спроведено преку Извршител неможе да се спроведе преку Вашата сметка, па заедно констатиравме дека во таков случај извршувањето е можно преку заплена и процена на предмети. Мојот предлог до неа беше да изнајдете начин долгот да го плаќате на рати, без камата како не би дошло до заплена на Ваши предмети, посебно во Вашиот дом каде живеат и Вашите малолетни деца. На Вашата сопруга и беше даден и мојот телефонски број за да ме побарате и да се договориме кога и со каква динамика би можеле да го исплатите долгот.

30 месеци ниедна банка или друго правно лице, ниедно физичко лице , како обичен смртник, без разлика од која професија е, или политичар од власт или опозиција нема да Ве чека да се одоброволите да му платите по пресуда 86.878,00 денари. Впрочем тоа Вам и Ви е познато од други предмети.

Вие Почитуван Генерале на подадената рака, одговоривте со Вашето писмо, полно со омраза, револт, шпекулации и клетви.

Ниско и грозно е тоа што како предмети за извршување ги споменувате играчките на Вашите деца или алиштата, брачниот кревет на Вашата сопруга кои предмети, во никој случај не би можеле да бидат предмети врз кои се извршува. Веројатно за Вие да добиете симпатии пред читателската публика и да створите омраза и револт кон повиканите во Вашето писмо.

За крај, не го коментирам Вашиот вредносен суд за судијата која ја донел пресудата, тоа е Ваше право, моето мислење за конкретниот судија можеби е и пониско од Вашето, но ќе ви кажам дека конкретниот предмет за надомест на штета од клевета го изгубивте, само и единствено затоа што при давање на исказ незнаевте да одговорите каква штета ви е нанесена и зошто го баравте токму тој износ за штета.

Затоа наместо да се расфрлате со карми, закани и навреди, постапете ако не генералски, барем џентламенски, па барајте одлагање на извршувањето или јавете ми се да се договориме. Моето дете ќе Ве чека уште неколку месеци!

И за крај патриоти не се само тие што се бранители на фронт, туку и тие што приходите ги пријавуваат за оданочување и со нивни пари од данок го полнат државниот буџет.

Ве поздравувам и Ви порачувам да се чувате таму кај што сте, да бидете во добро здравје за да може да работите и да се борите за правда и мир.

Адвокат Анита Бегова

 

 

Поврзани новости