Адвокатите тврдат дека состојбата на Камчев е алармантна, Шутка демантира

by fokus

Здравствената состојба на Орце Камчев е алармантна, во затворот во Шутка нема дежурен доктор кој ќе му ја дава соодветната терапија, туку се испраќаат медицинска сестра или медицински брат да му ја проверат состојбата, реагира адвокатскиот тим на обвинетиот бизнисмен.

-Првично, денес во текот на утрото, г-динот Камчев имал многу сериозна главоболка и од затворскиот ‘медицински тим’ констатирано било дека има спојување на притисоците и дека има видливи отоци на лицето. Потоа, во 14:30 часот тој се чувствува многу лошо поради што прегледан е повторно во КПУ Затвор Скопје, констатиран е повторно споен притисок, 90 со 70. Предложено му е да биде однесен на Клиниката за кардиологија, но тој одбил, бидејќи од претходното искуство кога е пренесуван смета дека е само дополнително малтретирање за него во состојбата во којашто се наоѓа, бидејќи и таму, секако, не ја добива соодветната терапија со која би се подобрила неговата состојба. Од затворскиот ’медицински тим‘ оваа негова состојба во КПУ Затвор ’Скопје‘ ја третираат со сол и газирана вода, тврдат од адвокатскиот тим.

За разлика од адвокатите на Камчев, директорот на затворот „Скопје“, Филип Андов, вели дека на притвореникот му се дава соодветната терапија и секогаш кога се пожалил на нешто му се пружала грижа од домскиот лекар или се повикувала итна помош.

-Медицинскиот тим е професионален кој е под команда на Здравствен дом Скопје. Секојдневно, на секој кој ќе се пожали му се пружа грижа. Камчев ја зема неговата терапија нормално, според тоа што е пропишано. На секое негово пожалување за здравствената состојба му се излегло во пресрет од домскиот лекар, а ако е после 16 часот се викала и Брза помош. Нема никакви сознанија дека му е нарушена здравствената состојбата, сите контроли и тестови му се направени и параметрите се во ред, вели Андов во изјава за 360 степени.

Инаку, од вчера на директорската позиција на Орка Холдинг, компанијата на Камчев, е неговата сестра, Кристина Камчева Стојческа.

Поврзани новости