Адвокатите на Мијалков: Апсурдна е одлуката Мијалков да биде во притвор!

by fokus

Преседан е одлуката екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, да биде ставен во притвор, и тоа до правосилноста на пресудата за „Титаник 2“, според која Мијалков беше осуден на три години затвор. Ова е заклучокот на адвокатите на Мијалков, кои на денешната јавна седница во Апелација образлагаа зошто нивниот клиент треба да излезе од притвор.

Според адвокатот Љупчо Шврговски во решението за притвор не е образложена одлуката, туку се користат само познатите правни термини како кривична одговорност и видот на делото, а со ништо не се докажува дека Мијалков не ги почитувал претходните мерки како домашниот притвор и јавувањето еднаш неделно во судот, мерка која ја имаше пред притворот. Според Шврговски Мијалков не смеел да заврши во притвор, бидејќи во овој случај против него беше поднесен обвинителен предлог, а не обвинение.

Одбраната го оспорува и тоа што притворот го определил судечкиот совет кој го водеше предметот „Титаник 2“, а според нив, по објавување на првостепената пресуда одлуки за притвор не треба да носи тој, туку кривичниот совет во судот.

Бранителот Петар Василев, пак, смета дека е апсурдно тоа што за Мијалков сега има две мерки, притворот во „Титаник 2“ и домашниот притвор за „Империја“.

– Обвинителството не достави било каков доказ дека се спрема бегство. Напротив изнесе претпоставка дека Врховниот суд кога и да е, ќе го укине домашниот притвор во „Империја“ и тој ќе излезе на слобода и поради тоа постоела околност, опасност од бегство. И по 20 дена по пресудата, Врховен се уште не му го укина решението за притвор во „Империја“. Таквите претпостсвки се покажаа дека се неосновани. Па која мерка сега Мијалков ја издржува? За која мерка течат деновите за кои се наоѓа во притвор и како утре ќе знаеме колку дена и за кој предмет се наоѓал во притвор? – рече Василев.

Поврзани новости