Адвокатите го сменија ставот, сега СЈО било надлежно за „Талир 2“

by fokus

Наместо со воведни зборови на обвинителката Ленче Ристоска да почне денешното рочиште за случајот „Талир 2“,  се случуваше правна битка во судница за тоа дали редовното обвинителство е надлежно да го презеде овој предмет од СЈО.

Обвинителката Ристоска појасни дека има овластување од републичкиот јавен обвинител и понатаму да го застапува предметот, кој сега се води под нов број.

Адвокатот Наков пак појасни дека од неговиот клиент екс премиерот Никола Груевски нема полномошно да го застапува предметот со новиот број, иако содржината е иста.

-Вчера се обидов да стапам во контакт со мојот клиент и за овој предмет, но не успеав, поради што немам овластување да го застапувам. Немам полномошно за овој број на предметот. Се соочувам со нов број на предмет, истакна адвокатот Наков.

Тој додаде дека најпрвин треба да го извести својот клиент со настанатите промени и да побара согласност за понатамошно застапување.

Наков го оспори и преземањето на предметите од редовното јавно обвинителство.

-Овластувањето кое го достави обвинителката е обид за правно оправдување за преземање на предмети од републичкото јавно обвинителство, за кој има специјална стварна надлежност и за кое има и специјални докази, рече адвокатот Наков.

Обвинителката Ленче Ристоска му реплицираше на адвокатот Наков, појаснувајќи дека полномошното е издадено со сите права кои му припаѓаат на адвокатот се до правосилно завршување на постапката.

-Без оглед што е настаната промена на тужителот, сметам дека нема процесни пречки за постапување бидејќи предметот е ист, рече Ристоска.

Адвокатот на Кирил Божиновски, Еленко Миланов, пак истакна дека овластувањето кое го потпишал обвинителот Љубомир Јовески бил во спротивност на Законот за јавното обвинителство.

-Законот за СЈО се уште е на сила и стварната надлежност за предметот е се уште во СЈО. Ова е пречка и во овој момент Основното јавно обвинителство не би можело да постапува, дополни Миланов.

Според обвинителката пак токму Законот за СЈО предвидува можност предмет на СЈО да биде преземен и по него да постапува републичкиот јавен обвинител или друг надлежен обвинител.

-Нема законска пречка Основното обвинителство Скопје да постапува по овој предмет, рече обвинителката Ристоска.

Адвокатот Наков побара збор по што рече дека се создала правна несигурност.

-На неправо не можеш да се спротиставиш со право. Оваа е правна гимнастика, се дојде до една таква правна несигурност, по што правичност и правда може да се добие само на суд надвор од Македонија. Републичкиот јавен обвинител исто така не ја одалечи Катица Јанева од функцијата откако влезе во притвор, за да спречи таа да испраќа писма. Згора на се никој не го виде тоа писмо, рече Наков.

До неодамна пак адвокатите ја оспоруваа надлежноста на СЈО за овој предмет.

Судијката, по дадената пауза, соопшти дека рочиштето се одложува поради доуредување на полномошната на адвокатите.

Наредното рочиште се закажува за 15 октомври.

Во случајот „Талир 2“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски, кои, според обвинението на СЈО, со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпр ијатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.

Валентина Вурмо

Поврзани новости