Доколку Македонија победи, ќе и треба буџет од над 20 милиони евра за да организира Евровизија!

by fokus

Финалето на Евровизија 2022 се одржа викендов во Италија, а победник е Укранина и Калуш Оркестра. Македонија годинава, исто како и лани не влезе во финале, но што би се случило доколку земјава евентуално во иднина победи на популарната музичка манифестација, односно колку средства треба да се одвојат за да се организира Евровизија?

Евровизијата е скапа забава за земјите победнички, бидејќи се потребни огромни финансии околу организацијата на настанот. Како една од најевтините Евровизии беше минатогодишната во Ротердам, поради ограничувањата поради мерките за заштита од корона вирусот.

Јавниот сервис во Холандија тогаш прогнозирал дека ќе потроши 26 милиони евра за организација, но сепак поминале многу поевтино, односно, како што објавија тамошните медиуми, биле потрошени 19 милиони евра.

Во 2019 година пак, Евровизијата во Тел Авив изнесувала 28 милиони евра. Израелскиот јавен емитер КАН зел државна позајмица од 16,5 милиони евра, за да го осигура евровизискиот буџет, а заемот ќе го исплаќал во наредните 15 години.

Инаку, годишниот буџет на КАН за таа година бил 177,8 милиони евра.

Во 2008 година пак, нашите соседи, Србија беше домаќин на шоуто, откако победата ја однесе Марија Шерифовиќ. Трошоците тогаш значително се зголемиле, бидејќи беше воведен новитет, две полуфинални вечери, со што се имало повеќе денови за проби, изнајмување на простор, а и делегациите подолг период престојуваа во Белград.

Организацијата изнесувала 21 милион евра, од кои националната телевизија потрошила 8,5 милиони евра, државата и дала на РТС над 10 милиони евра за купување на техничка опрема со висок квалитет, а градот Белград инвестирал два милиони евра.
Тогаш Белград го посетиле околу 15.000 туристи, а градот заработил околу десет милиони евра.

Секоја држава која што учествува на Евровизија треба да има план за организација и финансирање, доколку победи на настанот.
Со оглед на економската криза и растот на цените на глобално ниво, многу е веројатно дека наредната Евровизија ќе изнесува многу повеќе отколку минатогодишната.

Дали јавниот сервис МРТ е подготвен да обезбеди буџет од над 20 милиони евра, доколку некогаш евентуално се случи Македонија да победи на Евровизија, и на кој начин би се обезбедиле тие средства, од организацијата барем досега, се немаат огласено.

Тајна за јавноста е и податокот колку средства од буџетот годишно се одвојуваат за учеството на земјата на Евровизија, односно и за предевровизиските турнеји низ европски земји на кои секоја година учествуваат нашите претставници и членови на нашата евровизиска делегација.

Како потсетување, Македонија беше најблизу до победа на Евровизија во 2019 година, кога Тамара Тодевска освои прво место според гласовите на стручното жири, но по пребројувањето на гласовите од гледачите заврши на седмо место.
Се наметнува прашањето, дали доколку земјава победи на настанот, ќе може потоа да организира достоинствена Евровизија во Скопје, без трупање на долгови кои потоа би МРТ би ги отплаќала со години. Инаку, лани во декември од Владата соопштија дека буџетот на МРТВ се зголемува за милиони евра, односно во 2022 година ќе изнесува 15 милиони евра.

Вики Клинчарова

Поврзани новости