Адеми: Не ми е јасно зошто студентите ќе протестираат

by Фокус

Министерот за образование Абдулаќим Адеми вели дека не му е јасно зошто студентите утре ќе протестираат бидејќи министерството се уште немало конечен концепт за државниот испит. За законските измени во високото образование се очекува да се расправа деновиве на владина седница.

– Не успеавме да дискутираме поради голем број точки. Се надевам дека деновиве ќе има продолжение на седницата и ќе се дискутира за пакетот закони кои МОН ги достави до Владата како нацрт-закони. Тука се законите за педагошката реформа која ја најавивме пред неколку месеци, а исто така и измените и дополнувањата на Законот за високо образование кои се однесуваат на државниот испит – истакна Адеми.

Во врска со негодувањето на дел од студентите и најавите за нов протест, Адеми повтори дека не отстапуваат од воведување на механизми за контрола и за подобрување на квалитетот на високото образование.

– Ги разбирам студентите, но ќе повторам се уште немаме утврдено ни модел, ни концепт за државен испит. Кога ќе го утврдиме ќе го дискутираме и со нив. Ако има издржани аргументи ќе ги прифатиме, но заедничка цел и на студентите и на Владата е подобрување на квалитетот на високото образование – тврди Адеми.

 

Поврзани новости