AД-ХОК ТЕЛОТО Ѝ “ЧУВА ГРБ” НА ПРОПАГАНДАТА!?

by fokus 21:28
21:28

Борбата ќе биде тешка, но ако за Груевски е “се или ништо”, зошто би било поинаку и за слободољубивите? Уште колку долго би издржале под режим? Што треба повеќе да се случи за обединувањето околу целите и вредностите да биде бескомпромисно?

Пишува: Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

Ги гледав вестите на Сител на првиот ден по формирањето на ад-хок телото, практично на стартот на процесот на мониторинг на медиумите. Ништо не навестуваше некаква промена. Редовната рубрика “плукање по непријателот” ја водеше истиот новинар задолжен за “нарачките” од Илинденска бр. 2, со една промена, додека се емитуваше прилогот, одеше кајрон со наслов: “уреднички коментар”.

Потоа се емитуваше прилог дека општина Карпош “водена од ГРОМ и ДПМНЕ има повеќе проекти од сите три општини на СДСМ заедно, Струмица, Куманово и Центар”. Додуша во прилогот никаде не беа споменати проекти, туку всушност се работело за најмногу реализирани тендери, т.е. јавни набавки. Значи општина Карпош имала најмногу тендери, а долу на екранот оди кајрон со наслов: “Општина Карпош со најмногу проекти”.

Натаму, прес конференција на СДСМ од која се емитуваше само изјава на Петре Шилегов, грубо налепени тонски парчиња без некој логичен след, тотално да не се разбере за што станува збор и притоа, ако одел кајрон со кус опис за настанот тоа било секунда, затоа што во најголемиот дел од изјавата немаше никаков потпис за човекот што зборува и за тоа што тој зборува.

Веднаш по изјавите, оди читање на реакција на ДПМНЕ, уредно, со кајрони, телопи и се разбира подолга од секундите посветени на пресот на СДСМ и од која, конечно, разбрав за што бил пресот на СДСМ. Значи балансирано известување практично како што толкува оваа телевизија е да посветиш исто толку секунди на владејачката и опозициската партија (иако овде повторно беше временски неизбалансирано во корист на владејачката партија), со тоа што од опозициската ќе пушташ лепени изјави без логичен след и контекст, а за владејачката, фино структуриран текст поткрепен со телопи и кајрони.

Потоа, одеа и други промотивни “информативни” содржини како пофалба на странските инвестиции кои отвориле 16.000 работни места итн. С’што като исто досега. Грубо избројав пет точки на кои ад-хок телото требаше да излезе со реакција за манипулација, спинување, пропаганда, непрофесионално известување. Оттогаш поминаа неколку дена, верувам исто така полни со пропагандни пораки во овие медиуми, а од “телото” молк.

НОВ ДАТУМ НА “СТАР” ТЕРЕН

Оттука, една од реформите потребни за кредибилни избори – замена на пропагандата со информирање, барем во минимум професионални рамки, веќе исчезнува.

Втората реформа неопходна за “кредибилни избори”, прочистување на избирачкиот список засега поминува уште полошо. Избришани само 30.000 гласачи, а нејасно е дали успешно ќе заврши процесот на ставање на посебен список на гласачите од дијаспората.

Засега, со само 30.000 избришани гласачи, ДИК наводно ја побива тезата на опозицијата дека со “фантомски” гласачи се “украле” изборите бидејќи ги има помалку од разликата за победа, но и не е баш така.

Ако се погледнат изборните победи на ДПМНЕ со вкрстено слушање на бомбите (во делот на изборните манипулации), јасно е дека за Груевски изборите се се, само не програма, визија и проекти, но затоа го има “народот” и тоа во прецизно искалкулирани количини. Партијата покажа дека има систем да обезбеди изборна победа употребувајќи го државниот буџет за корупција, институциите за секаква употреба и пропагандата.

Овие три инструменти се покажаа речиси совршено ефикасни во рацете на манипулантите. Видовме дека ги имаат маркирано гласачките списоци со точна евиденција кој чиј гласач е. Ги имаат списоците на администрацијата со кои или ги уценуваат партиски вработените да донесат уште одреден, соодветен број гласачи во замена на зачувување на работното место или за ветување дека ќе се вработи уште некој член на верното партиско семејство.

Ги имаат списоците на сите фирми и со злоупотреба на институциите на државната и нивна инструментализација за партиски цели, прецизно се рекетираат, уценуваат и казнуваат, соодветно на потребите. Точно знаат колку луѓе треба да бидат корумпирани во замена за глас на избори.

Во калкулациите за секоја изборна единица одделно, ако е неизвесен скорот и покрај уцените, заплашувањата, “влечење за уши”, корумпирањето, се додаваат и “фантомски” гласачи за сигурен исход. Значи и 30.000 илјади добро распоредени “фантоми” може да значат изборна победа, но со Избирачки список како актуелниот, кој се уште го тресат скандали и е полн со манипулации, игрите на власта со него можат да бидат без граници.

Така, од година в година, од изборен до изборен циклус, Груевски го доведе до совршенство системот што му носи победи кој што е се, само не воља на граѓаните. Така и сега, во Рајхстагот (како што популарно се нарекува седиштето на ДПМНЕ) не се прави ништо друго освен калкулации како со корупција, уцени, ветувања за вреботувања, по некој уфрлен “фантом” да се добијат изборите со инструментите на располагање.

А кои се инструментите? Прво е тука буџетот и милионите позајмени евра кои Груевски без пречка ќе ги искористи за предизборен поткуп. Го фати последниот воз на издавање еврообврзница со стариот кредитен рејтинг и пари има, уште за овие избори. Битката ќе биде како да дојде и до околу 150 милиони евра од еврообврзницата што се наменети за наредната година, за што можеби како изговор ќе искористи поплави и слични непогоди. Така што пари за корумпирање има.

ГРУЕВСКИ ЈА ПРЕДВИДЕ НЕЕФИКАСНОСТА НА АД-ХОК ТЕЛОТО

Избирачкиот систем е полн со проблеми. Разбирлив е и неговиот ноншалантен однос и изјавите дека ќе направат отстапки во корист на опозицијата за ад-хок телото за да “ги одземеле сите аргументи на опозцијата да нема избори”. Груевски само добро предвиде дека тоа тело нема да го зариба моторот на пропагандата која е тука да му го чува грбот.

Всушност ад-хок телото ѝ го чува грбот на пропагандата. Избирачкиот список, исто така, е горе-долу по негов мерак скроен. Тој самиот е многу заинтересиран што поскоро да има избори затоа што ќе ги троши последните милиони на располагање. Практично сите услови за избори се на ниво на почетната точка.

Државата веќе нема да може да се задолжува или тоа ќе биде под многу скапи услови, така што неговата логика е јасна. Ќе игра на карта дека 100 дена ќе бидат премалку за некое поместување во системот што му носи победа.

Се разбира, не мислам дека сигурно и ќе победи. Ако во Центар не успеа операцијата со уфрлени гласачи на избирачкиот список и по три прегласувања, има надеж дека овој прецизно осмислен систем може да потфрли. Но, само со силна заинтересираност и мобилизација на сите слободољубиви граѓани обединети во поддршка на опозицијата.

Така што е неразбирливо што додека во “Рајхстагот” се калкулира секој глас и се утврдува начин како тој да се капариса, дебатата во опозицијата да се фокусира на тоа дали “преку ред” шарените можеле да се качат на изборните листи?!?

За поткопување на овој систем и уривање на митот на семоќниот Груевски секако ќе помогнат истрагите на СЈО за кои се зборува дека ги има 20-тина, но и за таа карта на слободоуљубивите, Груевски има подготвени стратегии. Без специјална полиција, а со Јавна безбедност со која ќе раководи Чавков и без специјален суд, а корумпирано регуларно судство, плус пропаганда како поддршка, активностите на СЈО ќе бидат осуетувани на секој чекор.

Борбата ќе биде тешка, но ако за Груевски е “се или ништо”, зошто би било поинаку и за слободољубивите? Уште колку долго би издржале под режим? Што треба повеќе да се случи за обединувањето околу целите и вредностите да биде бескомпромисно?

 

Поврзани новости