АД ЕСМ произведе 15 отсто повеќе струја од лани

by Фокус

АД ЕСМ работи со максимален капацитет согласно моменталните можности на електраните и на нашите ресурси и целосно исклучиво од наше сопствено домашно производство ги задоволуваме потребите на универзалниот снабдувач ЕВН хоум за граѓаните и малите потрошувачи, односно не набавуваме електрична енергија од увоз, туку набавуваме само јаглен и мазут за производство на струја со кои ќе го зголемиме производството во грејната сезона, порача денеска генералниот директор на компанијата Васко Ковачевски.

Во моментов, потенцира тој, има производство на електрична енергија од два блока во РЕК Битола, еден котел во ТЕЦ Неготино, хидропроизводство, производство на енергија од ветер и од сонце, со што, според него, целосно се задоволуваат потребите на домаќинствата и на малите потрошувачи, а ноќните вишоци од околу 50 мегавати се продаваат на слободниот пазар по берзански цени.

Ковачевски нагласи дека во првите седум месеци од годинава ЕСМ произведе 2.194 гигават часови електрична енергија или за 15 проценти повеќе од истиот период лани, кога беа произведени 1.914 гигават часови, а целиот план за производство на електрична енергија за 2022 година е направен со 20 процентно зголемување во однос на лани.

-Зголеменото производство годинава се должи, пред се, на зголемувањето на производството на термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј за 40 проценти – рече Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата и додаде дека кај хидроелектраните има значајна заштеда на вода и намалување на производството за 25 проценти во споредба со првите седум месеци  лани.

Поврзани новости