„Абрамс” тенковите не се закана за Русија туку подршка за Украина

by Fokus

Американскиот претседател Џо Бајден,, најави дека САД ќе испратат 31 тенк „Абрамс” во Украина, потенцирајќи дека помошта е наменета за да и се помогне на Украина да ја одбрани и заштити својата земја.

– Нема офанзивна закана за Русија, потенцира тој. – Доколку војниците се вратат во Русија, оваа војна би завршила уште денеска”.

Американскиот претседател Џо Бајден за време на денешното обраќање до јавноста директно му се обрати и на украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека тој денеска слави роденден. -Ние сме со вас колку што е потребно, рече тој, директно обраќајќи му се на Зеленски.

Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин очекувал дека поддршката на САД за Украина ќе опаѓа со текот на времето. – Тој погреши, истакна Бајден.

– Ние сме обединети. Америка е обединета, исто како и светот, рече Бајден, додавајќи дека одлуката за испраќање тенкови Абрамс во Украина е „дополнителен доказ за непоколебливата поддршка за Украина”.

Тој соопшти дека утрово разговарал со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Риши Сунак и италијанската премиерка Џорџа Мелони за поддршката за Украина.

– Денеска објавувам дека Соединетите Американски Држави ќе испратат 31 тенк Абрамс во Украина, што е еквивалент на еден украински баталјон, рече тој. – Државниот секретар Лојд Остин го препорача овој чекор бидејќи со тоа ќе се зајакне капацитетот на Украина да ја брани својата територија и да постигне стратешки цели, рече американскиот претседател.

Бајден посочи дека тенковите Абрамс се најспособните тенкови во светот и тие се, исто така, исклучително сложени за ракување и одржување. – Значи, на Украина и ги даваме деловите и опремата неопходни за ефикасно одржување на овие тенкови на бојното поле.

Тој вели дека за испорака на овие тенкови „ќе биде потребно време”, но САД ќе се погрижат украинските трупи да бидат „целосно подготвени” да управуваат со тенковите.

– Поддршката на способноста на Украина да се бори против руската агресија, да го брани својот суверенитет и територијален интегритет е обврска на светот, додава тој.

Претходно и Белата куќа соопшти дека ќе испрати „Абрамс” во Украина, а САД ќе обезбедат и соодветна обука и делови неопходни за оперативност на тенковите.

Поврзани новости