Во тек на вчерашниот ден на социјалните мрежи започна да се споделува повик за протест кој би требало да се одржи во Скопје во недела, од 12 до 14 часот пред Влада.
Според она што може да се прочита од објавата која ги преплави социјалните мрежи, настанот е насловен Протест против полицискиот час, а како иницијатори на истиот се наведени Емилија Богатинова и Мариго Исеини.
Поради опасноста од ширење на Ковид 19, препораките на Владата се да нема собири и групирање на повеќе од две лица на отворено, но сепак тоа не спречи голем број на граѓани да ја споделуваат, па дури и дадат поддршка на идејата за протест. Набргу по објавата за протестот против полицискиот час, започна да се споделува уште еден повик за протест, кој наводно би се одржал во сабота, со почеток од 13 часот.
-Утврден е датум за протест против 5Г, вакцините, корона, полициски час и мигрантите. На 16. 05. 2020 во 13 часот следува евент! – гласи уште една објава која многумина ја споделија, но и во коментари ја поддржаа.
Околу тоа како би можело да се протестира против вирус, вакцини, мигранти, полициски час и 5Г, и каков ефект би имал овој протест, голем број на јавни личности се огласија.
-Да се протестира против глупавост, која за жал не се лечи. Да се протестира против неписменост, да се протестира дека треба да се протестира – пишува на својот социјален профил актерот и музичар Драган Спасов – Дац, споделувајќи го актуелниот повик на протест.
-Кога протестиравме за загадувањето на воздухот, на прсти се броевме. Другите седевте дома; нели надвор загадено, излегувавте надвор со маски и брзавте назад. Сега ќе протестирате против седење дома, а надвор е уште пострашно од времето кога беше загаден воздухот. Значи ќе протестирате против сите доктори што деноноќно се борат за заболените. Што се со денови одвоени од семејствата. Против сите стари лица кои се под ризик да заболат. Против сите оние кои имаат слаб имунитет, против трудниците кои наместо да се радуваат во бременоста, се тресат од страв… Секогаш се залагам дека живееме во демократско општество и дека секој има право на свое мислење, ама македонскиов став не е ништо друго освен екстремен егоцентризам, себичност и апсолутно бесрамие. Така дечки не се живее во цивилизирано општество. Ако се водите по мислата дека само вие сте важни и никој друг, тогаш време е да се спакувате и марш на планина, сами, каде што ниедна ваша одлука нема да влијае на останатите. И кога сме веќе на темава, одете на протест, ама земете си од дома едно ливче каде со име и презиме ќе се пишете себеси и своите најблиски со изјава дека ако се случи да се разболите се откажувате од било каков третман, без разлика во која состојба ќе се наоѓате. Може така? Оти не може да плукате по целиот труд на медицинските лица,а и при прва обична настинка трчате кај нив за помош… ј…ла вас теорија на заговор!- порачува поп и фолк пејачката Росана Сариќ – Тодоровска.
Голем е бројот на граѓани кои апелираат да се покаже почит кон медицинските лица кои ги ризикуваат своите животи, да се мисли на колективното здравје, но и на ризичните групи на граѓани. Потсетуваат дека ова е време кога треба да се следат препораките на Светската здравствена организација, бидејќи слободната волја на поединци во случајов има влијание врз целокупната заедница. Сепак и покрај предупредувањата, над 160 лица на страницата каде е најавен протестот, го потврдиле своето присуство.
Сличен настан, насловен Протест против избори, 5Г мрежа, мигранти и вакцинација, пред четири дена се одржа во Белград, соседна Србија. Таму граѓаните кои протестираа направија протестна прошетка, по што се разотидоа дома.
Вики Клинчарова