9 Mај – една друга победа

by Фокус

Во поранешните социјалистички држави постепено се отфрла анахронистичкиот милитаризам за време на „прославите“. Многу од овие земји на традиционалната прослава на Денот на победата на 9-ти мај со задоволство го слават Денот на Европа. Две прослави во еден ден, каде акцент се става токму на европскиот.

Пишува Андреј Јакубув

Втората светска војна е историскиот период што ја подели човечката историја на „пред“ и „после“. Ужасните настани од 1939-1945 година имаа особено силно влијание врз судбината на целото човештво.

Сојузниците успеаја да постигнат договор во борбата против заедничкиот непријател, но последните 75 години во светот се оддава почит на таа жртва на два датуми. На пример, во почетокот на 2000-тите години, од Генералното собрание на ООН е поднесена иницијатива да ги определи и 8 и 9 мај како денови на сеќавање и помирување во чест на сите жртви од Втората светска војна.

Во поранешните социјалистички држави постепено се отфрла анахронистичкиот милитаризам за време на „прославите“. Ова е посебно важно во поранешните републики на Советскиот Сојуз кои прават напор да воведат сопствените традиции со цел да се сруши проруската идентификација со овој датум. Така, многу од овие земји на традиционалната прослава на Денот на победата со задоволство го слават Денот на Европа. Две прослави во еден ден, каде акцент се става токму на европскиот.

Денот на Европа беше дефиниран на еден од европските самити во 1985 година за да го слави мирот и единството на континентот секој 9-ти мај, како резултат на прогласувањето на декларацијата на Шуман во Париз, што го отвори патот за интеграција на европските држави и заедничка конструкција на подобра иднина: „Европа нема да се создаде одеднаш и тоа нема да биде во една форма, таа ќе се изгради како резултат на конкретни дела кои пред се ќе создадат вистинска солидарност“.

Создавањето на првата европска заедница на јаглен и челик со меѓувладино управување на конфликтните сектори на јаглен и челик е првиот чекор, направен од страна на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман, во насока да се закрепне кревкиот мир во повоените години со анулирање на можните конфронтации во енергетскиот сектор помеѓу држави кои имаат долга историја на меѓусебно ривалство.

На 9-ти мај 1950 година, германскиот федерален секретар Конрад Аденауер свикува прес-конференција на која изјавува: „Обединувањето на Европа, со пристапувањето на Сојузна Република Германија, е многу важен начин за постигнување и одржување на мирот (…) да обезбеди траен мир на народите во светот“. Зарем ова доброволно присоединување на Германците не е вистинска европска победа? И тогаш, во 1955 година, иронично на 9-ти мај, Западна Германија стана полноправна членка на НАТО. Зар не е вистинска победа што, набргу по завршувањето на војната, не постои поделба помеѓу победниците и губитниците во слободна Европа?

9-ти мај е роденденот на една револуционерна политичка и идеолошка творба која нема аналогија во досегашната историја на човештвото, како и многуте други достигнувања во најразлични области кои доведоа до развој на човештвото од најразличен аспекти. Ова е уште еден продукт на европските земји, концептот на Европската унија, територијата на благосостојба, место со највисоко ниво на живот во светот.

Несомнено дека има предизвици, и во некои ситуации Унијата би можела подобро да се справува и поорганизирано да реагира, но можеме да бидеме сигурни дека на овој начин се акумулира искуство од кое се донесуваат заклучоци, кое ја созрева и ја прави подобра. Искуство кое овозможува дванаесетте жолти ѕвезди да блескаат уште посјајно на европското небо, осветлувајќи им го патот на слободните и задоволни европски граѓани, кои чекорат во ритамот на „Одата на радоста“.

(Авторот e претседател на „Институтот 9 Мај“ од Шпанија)

Поврзани новости