Беровчани сами одлучуваат кој ќе им пее на општинска манифестација

by fokus

Со цел транспарентност и отчетно работење, Општина Берово по пат на јавна анкета реши да се изберат музичките гости кои би настапиле на популарната општинска манифестација ,,Етно плоштад фестивал 2023” која традиционално се одржува со години наназад на сцената на плоштадот во Берово, и е доста посетен настан во источниот регион.

Музичарите кои се понудени во анкетата, објавена на страницата на општината се Саша Ковачевиќ, Данијела Мартиновиќ, Петар Грашо, Јелена Розга и Жељко Самарџиќ.

Како што појаснуваат од општината, со музичката ѕвезда која што ќе освои најголем број гласови и доколку не постојат некакви пречки, ќе биде склучен договор за ангажирање за време на ,,Етно плоштад фестивалот 2023”.

За тоа дека да им се даде можност на граѓаните сами да изберат музички гости на настанот е добар потег, зборува и податокот што над 20.000 лица се вклучиле во анкетата, односно дури два пати повеќе отколку што општината има жители. Во анкетата се вклучиле и граѓани од други општини кои доаѓаат на фестивалот, кој секоја година привлекува многу посетители од цела земја.

-За народ на кого е многу тешко да му се погоди, ова е одлична идеја! Ако изборот на гостите зависи од градоначалникот или пак од спонзорите, секогаш ќе се најдат такви кои ќе критикуваат. Вака, кого ќе си го избереме, ќе си го слушаме. Да нема лутење – велат на шега беровчани.
Лани на настанот кој се одржа кон крајот на август, настапија Антониа Гиговска, Слаткаристика, Дац и Александар, 2Бона, Камерен оркестар Битола и многу други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости