Судењето на 7-та вработени во УБК се одложи, запнаа кај класифицираните докази

by fokus

Вработените во УБК, кои Специјалното јавно обвинителство ги гони за уништување на службена документација во случајот „Тврдина“, наводно поврзана со нелегалното прислушување, денеска седнаа на обвинителна клупа во Кривичниот суд, но главната расправа сепак не се одржа и се одложи за 17 јануари наредната година.

Иако судењето се одложи, сепак повеќе од два часа траеше подготвителното рочиште, на кое се спореа доказите на СЈО. Според одбраната, застапувана од адвокатот Никола Додевски, треба да се отфрлат доказите на СЈО, наведени во обвинителниот акт, а кои се класифицирани, бидејќи не добиле дозвола за нивна употреба од УБК.

-СЈО постапило незаконски бидејќи без согласност на создавачот до судот достави класифицирани податоци и ги опиша во обвинителниот акт. Бараме судот овие докази кои се прибавени без согласност на создавачот да ги одбие, истакна адвокатот Додевски.

Исти став имаше и судијката Лидија Петрова, која им наложи на обвинителите од СЈО, Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов, да обезбедат акт за употреба на доказите од Управата за безбедност и контраразузнавање.

На ова жестоко се спротивставија обвинителите од СЈО, кои истакнаа дека не е прв пат во судската пракса да се користат дозкази кои се класифицирани, бидејќи се државна тајна или строго доверливо.

-Начинот на кој се прибавени овие докази од УБК е законит и нивната употреба во судска постапка е дозволена со Законот за кривична постапка. Ваква дозвола би требало да побара некој од обвинетите доколку сакаат во својата одбрана да презентираат ваков доказ, но не и обвинителството, беше децидна обвинителката Ристовска.

Нејзиниот став пак упорно го оспоруваше адвокатот Додевски, инсистирајќи дека мора да обезбедат претходна дозвола од УБК, а во таа насока беа и укажувањата на судијката Петрова, која го задолжи обвинителството да ја обезбеди дозволата, а во спротивно најави дека ќе ги отфрли доказите. Својата одлука судијката ја правдаше дека кога ќе требало да ја напише пресудата, без разлика дали ќе биде осудителна или ослободителна, не ќе можела да ги наведе доказите ако останале клсифицирани, истакнувајќи дека „малку истражувала“ и видела дека тоа не е судкса пракса.

Напротив, обвинителката Ристовска возврати дека тоа е судска пракса, посочувајќи дека вакви докази се наведени во случајот „Пуч“ и во уште многу други.

Од СЈО се сомневаат дека барањето да обезбедат дозвола од УБК е само еден начин да се одложи судењето, бидејќи УБК нема рок да одговори на нивното барање, посочувајќи дека веќе со месеци чекаат одговор на слични барања.

На рочиштето денеска не присуствуваше една од обвинетите, но бидејќи не се одржа главната расправа, немаше образложение зошто не дошла. Во судница беа пет нејзини колешки, кои беа децидни дека нема да дозволат медиумите да ги фотографираат и снимаат, и колегата Горан Грујоски, првообвинетиот поранешниот началник на петтата управа.  СЈО Грујоски го сомничи за фалсификување службена исправа, односно за уништување на документацијата поврзната со двата системи од нелегалното прислушување. Овие системи, како што претходно информираше СЈО во случајот „Тврдина“, исто така биле уништени во текот на минатата година.

В.В.

 

 

Поврзани новости