28,4 милиони евра од Европскиот фонд за заеднички проекти меѓу Македонија и Бугарија

by fokus

Откако Владата на Бугарија на 3 февруари одлучи да го зголеми учеството на средствата од Европскиот фонд за регионален развој за 46 проценти, во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји, во споредба со тековниот програмски период од 2014 до 2020 година, се предвидува  да бидат инвестирани над 28,4 милиони евра во заеднички проекти меѓу Бугарија и Северна Македонија во програмскиот период од 2021 до 2027 година. Во моментов се чека одобрување од Европската комисија за реализација на проектот.

-Со оваа одлука, бугарската Влада го потврди високиот потенцијал и додадената вредност на заедничката програма за прекугранична соработка и заедничките проекти за подобрување на животот и економската состојба во регионот, изјави Деница Николова, заменик-министер за локална самоуправа на Бугарија и ко-претседавач на онлајн состанокот за заедничката работна група, за подготовка на Програмата за прекугранична соработка INTERREG-IPA меѓу Бугарија и Северна Македонија во период од 2021-2027 година.

На состанокот учествуваше и Зоран Димитровски, заменик-министер за локална самоуоправа на Северна Македонија.

Работната група одобри ажурирана стратешка рамка за идната програма, што ќе овозможи развој на нацрт програмски документ и почеток на преговори со Европската комисија.

Исто така, на состанокот беше констатирано дека има три главни приоритети што ќе бидат поддржани во рамките на заедничката програма. Меѓу нив е и реализацијата на стратешкиот проект за изградба на граничен пункт „Клепало“ помеѓу Струмица и Берово. Еден од приоритетите е и спроведување на интегрираниот територијален пристап во рамките на Целта на кохезивната политика 5 „Европа поблиска до граѓаните“, што има за цел директно да ги поврзе локалните потреби со стратешките насоки за развој и да им овозможи на локалните заинтересирани страни да им дадат приоритет на инвестициите за подобрување на благосостојбата на регионот.

Поврзани новости